МЕРКО ОСУДЕН НА КАЗНА ОД 10.000 ЕВРА Струшкиот градоначалник незаконски поставил директори во три училишта

Според обвинението, градоначалникот Мерко направил неправилности при назначувањето вршители на должност директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

374

Основниот суд во Струга го прогласи за виновен градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, за кривично дело „несовесно работење во службата“. Според обвинението, тој направил неправилности при назначувањето вршители на должност директори во основните училишта во селата Лабуништа, Радолишта и Подгорци.

Судијата Јордан Јованов, кој го водеше предметот, му изрече парична казна во висина од 100 дневни глоби, што во денарска противвредност изнесува 10.000 евра.






– Иако назначените директори ја вршеле функцијата, спорно е дали воопшто смееле да бидат назначени. Сите случаи покажуваат дека не се избрани од редот на вработените, немаат потребно искуство, не е распишан јавен оглас, а некои од нив биле повторно именувани шест пати едноподруго, што е спротивно на закон – изјави судијата Јованов при објавувањето на пресудата.

Тој нагласи дека за разлика од претходниот случај за набавка на „Ауди А6“, каде обвинетиот беше ослободен бидејќи немало ревизорски забелешки, во овој случај постојат официјални извештаи и записници од Државниот просветен инспекторат кои укажуваат на прекршување на Законот за основно образование.

– Градоначалникот е тој што директно потпишува решенија за именување. Не може да се повикува на споделена надлежност со министерството – додаде Јованов.

Како олеснителни околности, Судот ги зеде предвид фактот што обвинетиот досега не е осудуван и дека имало реална потреба за функционирање на училиштата поради недостиг од кадар.

Обвинителството најави жалба на пресудата.

Инаку, против Мерко се водат уште два одвоени судски процеси за слични дела. Во едниот случај се работи за училиштето „Браќа Миладиновци“, чиј исход се очекува следниот месец, а во вториот – за училиштето во село Велешта – рочиштето е веќе закажано. Во оваа постапка има и обвиненија за фалсификување исправа. Дополнително, се води и предмет против Мерко за поставување спомен-обележје пред општинската зграда без дозвола.

Поранешниот случај за набавка на луксузното возило „Ауди А6“ и уште неколку други возила за општината во вкупна вредност од 114.000 евра, заврши пред десетина дена со ослободителна пресуда.

Поврзани содржини