МОТИВОТ КОРИСТОЉУБИЕ Е ОДАМНА ПАДНАТ, УБИСТВАТА БИЛЕ СО ЦЕЛ ДА СЕ ВНЕСЕ СТРАВ МЕЃУ УЧЕНИЦИТЕ Обвинителката даде сувопарен, неповрзан завршен збор, оцени Туфегџиќ

Се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на судот за таткото, рече адвокатот Владимир Туфегџиќ.

5,317

Јас лично сум изненаден од завршните зборови на Обвинителството. Очекував една силна енергија, очекував силни аргументи, напротив, добивме една сувопарна компилација на прочитани докази, неповрзани едни со други, изјави по денешното рочиште Владимир Туфегџиќ, бранителот на Александар Ѓорчевски, таткото на убиената Вања Ѓорчевска.

Во врска со таткото, Јавното обвинителство не докажа надвор од разумно сомнение дека го сторил кривичното дело кое му се става на товар. Слушнавте и сами дека единствениот темел на обвинението за таткото е тоа што, во даден момент, според нечија перцепција тој се однесувал чудно и им бил чуден. Не слушнавме и не е понуден ниту еден доказ за каква било негова инволвираност. Се остварија моите предвидувања дека Обвинителството нема да го повлече обвинението и верувам во една праведна одлука на судот за таткото – рече Туфегџиќ.






На новинарско прашање дека во изнесената детална телефонска анализа на сите обвинети, немаше ниту една комуникација помеѓу Александар и останатите обвинети, Туфегџиќ рече дека тоа е основот на одбраната – дека не постои ниту една комуникација и ништо што би го компромитирало таткото или би го довело во врска со останатите обвинети.

– Тој нема никаква врска со овие луѓе за кои во текот на постапката се изведени доволно докази од кои секој обичен набљудувач може да извлече логичен заклучок дека во овој случај основот користољубие е одамна паднат. Овде се работи за нешто сосема друго, според мене лично, тоа е дело извршено за да се внесе страв и немир помеѓу населението, особено во основните училишта. А кои биле мотивите, тоа не е до крај расчистено поради површната истрага и многуте пропусти во истражната постапка. И на што постојано го повторувам во 21 век да примените тортура е нонсенс и потполно непотребно при постоење на сите современи истражни методи и истражна технологија, која овозможува да дојдете до вистината. Зошто е тоа така направено останува да видиме во наредниот период – рече адвокатот Туфегџиќ.

На денешното рочиште на кое почнаа завршните зборови, обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска во излагањето, кое траеше скоро 4 часа, само ги повтори сите сведочења на сведоците и повторно ги прочита сите изведени докази, без да ги толкува. Таа не направи никакво поврзување на доказите, не зборуваше за мотивите, за планирањето на злосторствата и за нивната цел, не потенцираше дека обвинетите немаат алиби. Иако во досегашните ретки изјави обвинителките ја замолуваа јавноста да се стрпи додека не дојде завршниот збор во кој сè ќе поврзат и ќе го докажат користољубието, тоа не се случи. Не го поткрепија со ништо тврдењето дека 14-годишната Вања е грабната со цел да се бараат пари од близок член на нејзиното семејство.

Со ниту еден доказ не ја докажа поврзаноста на Александар Ѓорчевски со останатите обвинети, Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев. Изнесе детална телефонска анализа кој со кого комуницирал во критичниот период и преку кои апликации и не изнесе ниту една комуникација на таткото со останатите четворица кои се обвинети за две грабнувања и за две свирепи убиства. И покрај тоа што немаше доказ за тоа, Крстевска Јосифовска си тврдеше дека таткото им оддал информации на убијците дека Вања по исклучок и во понеделник на 27 ноември ќе оди сама на училиште.

Не докажа ниту дека Александар дејствувал од користољубие, односно, за Обвинителството е доказ тоа што  тие сметаат дека таткото бил во финансиска криза, иако ниту тоа не го докажаа. За доказ го сметаат и тоа што таткото не го солменизирал на нотар договорот за дар на станот на Наум Наумовски Борче на помалата ќерка, иако е нејасно како станот е причина за грабнувањето и за убиството. Обвинителката повеќе пати повтори дека таткото им бил чуден на полицајците затоа што цело време велел дека Вања е киднапирана и дека не излегувал од возилото кога полицајците ја барале Вања среде ноќ во грмушки на Водно. За обвинителката сомнежот на двајцата инспектори од истрагата е доказ.

Крстевска Јосифовска спомена и дека било чудно што Александар веднаш излегол од дома кога поранешната сопруга Зорица Ѓорчевска му рекла дека Вања ја нема, затоа што тој секогаш секаде доцнел, а самата мајка Зорица во своето сведочење за тој момент рече дека е јасно дека Александар излегол брзо затоа што кога се работи за дете кое го нема, би излетал од дома и во пижами.

Крстевска Јосифовска не заборави да истакне и дека Ѓорчевски во младоста бил зависник од хероин, како и дека тој ја напуштил работата за да ги чува децата, иако имал баби на располагање.

По рочиштето обвинителката одби да даде изјава пред јавноста и да објасни како го докажаа користољубието и вмешаноста на Александар. Претходно тврдеше дека сè околу мотивот ќе се разјасни во завршните зборови. Тоа разјаснување изгледаше вака:

– Договорите за дар на станоите на двете ќерки Вања и Миња никогаш не се солменизирани на нотар, а без тоа нема промена во имотен лист. Ѓорчевски знаел што значи имотен лист. Обвинетиот е невработен, не работел 8 години, па се вработил, па пак останал без работа. Обвинетите биле во лоша финансиска состојба и сакале да си ја подобрат преку злосторството – рече таа во последните реченици од завршниот збор пред Кривичниот суд.

Поврзани содржини