ДЕМОНСТРАНТИ ФРЛАА БЕТОНСКИ ПЛОЧКИ, А ПОЛИЦИЈАТА ШОК БОМБИ Тензично во Лос Анџелес по федералните акции против имигрантите
Полицијата се судри со демонстрантите во центарот на Лос Анџелес, синоќа на крајот од денот на федерални антиимигрантски мерки во кои беа уапсени десетици луѓе низ целиот град.
Видео од настаните покажува како полицијата е наредена на улица во центарот на Лос Анџелес, држејќи палки и солзавец, соочувајќи се со демонстрантите.
На почетокот на конфронтацијата, некои демонстранти фрлаа парчиња бетон врз полицајците, а полицијата одговори со солзавец и спреј со бибер.
Полициските службеници, исто така, користеа шок бомби. Не е јасно дали се извршени апсења.
Портпаролот на полицијата во Лос Анџелес, Дрејк Медисон, изјави дека полицијата на местото на настанот го прогласила собирот за незаконски, што значи дека оние кои не ја напуштиле областа ќе бидат уапсени.
Порано во текот на денот, телевизиските снимки покажаа колони од необележани воени возила и комбиња натоварени со униформирани федерални агенти кои се движеа низ улиците на Лос Анџелес.
Агентите на американската Служба за имиграција и царина упаднаа на неколку локации во Лос Анџелес.
Си-Ен-Ен и други медиуми објавија дека десетици луѓе биле приведени за време на рациите, најновите во низата слични рации спроведени во неколку градови како дел од мерките на претседателот Доналд Трамп против нелегалната имиграција.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, издаде соопштение во кое ги осудува антиимиграциските акции, нагласувајќи дека „овие тактики сеат терор во нашите заедници и ги кршат основните принципи на безбедност во нашиот град“.