„Сегашни“ луѓе-дивоградби

Се покажа – не било до градот и до државата, туку до луѓето. Цела толпа луѓе-дивоградби требаше да бидат инсталирани како „сегашни“, како некаква нова власт. Демек народна, демократска, прогресивна, проевропска, визионерска…, којашто ќе ја извлече земјата од балканската кал и дивоизградениот систем. А народот ќе го направи – сегашен: антидатирана дивоградба без минато!

863

Не знаеме колку Томас Вајц, известителот за Македонија, е лично емотивно вграден во „проблемот“ кога ги говори оние нешта што би требало да ги говорат македонските граѓани, оние од т.н. опозиција и нивните подопашни „известители“. Дали Вајц баш морал – или баш сакал – да вметне во Извештајот „неколку референци за признавање на македонскиот јазик и македонскиот идентитет“. И дека „Македонците се Македонци и дека македонскиот јазик е македонски јазик“. За себе лично, вели тој, „не би гледал потреба тоа да се каже“. И продолжува: „Но, поради некои прашања што беа поставени, особено од бугарската страна (…) и порано од грчките соседи, потребно е да се спомене ова“, истакнува Вајц.

И мислам дека е прилично воздржан односно културен во овој контекст да не ја спомене македонската опозиција, дел од самонаречената македонска интелигенција, оние локални кафеански известувачи, некои „медиуми“ и др. Не мислам дека треба да му бидеме благодарни за тоа. Не, човекот само е неевропски пристоен, културен, и се држи до вистината. За разлика од некои овде, некои „сегашни“ (како што ги крстил бугарскион пратеник кого сакаат да го сместат во Уставот) за кои нема друга вистина освен „францускиот предлог“ и „Договорот за пријателство и добрососедство“. Иако се силат дека ќе кажеле и некои други „вистини“, ама сега, после цели осум години дивеење низ државава.






Како впрочем и „госпожата“ градоначалничка која три години знае за дивоградбите во Чаир, ама сега се сетила да отвори војна со таа општина.

Не, не ги потценувам нејзините напори во оваа насока, напротив. Ама што правеше досега, каде беше? И зошто со години се криеше во оној ќумез викан „Град Скопје“? Каков црн град, какви бакрачи. И зарем не ги гледаше дивоградбите буквално околу неа – оние од фамозното „Скопје 2014“ – туку мораше да оди дури во Чаир? И секако, скандалозен е фактот дека во Ѓорче Петров се планира градба на три хемиски фабрики, а Уставниот суд се прави наудрен. Но што со алхемискиот ефект токму на „Скопје 2014“ и неговите досегашни и идни отровни влијанија на младата македонска популација? Мисли ли на тоа? Или (и) неа тоа ѝ е – убаво?!

И така доаѓам до зборот дивоградба – збор што одамна стана синоним за нецивилизирани држави и нивните калливи паланки како главни градови – и поим што тешко ќе го најдете дури и во речниците на повеќето европски јазици, не пак како состојба низ европските метрополи. Или, ако го има во јазикот, го има описно и како куриозитет, а како состојба – никако. И Скопје (божем) жестоко се обидуваше да се вброи во тој круг. Неуспешно, се разбира. Иако му дадоа шанса и со она „Европска престолнина на културата“, којашто во старт ја прокоцка дури кажеш – дивоградба. А какви сѐ ветувања имаше…! Но заборавија дека за да бидеш „културна престолнина“ треба барем да имаш – култура! Која култура ја има овој „град“? Онаа на „Скопје 2014“ и останатите дивоградби, онаа на „сегашните“ и нивните мегафони?

Но дивоградбите сами по себе се најмал проблем. Тие не се самоникнати, не би постоеле, би ги немало, да ги нема луѓето-дивоградби. Овие „сегашниве“! Тие се вистинскиот проблем на системот, не само во областа на архитектурата и урбанизмот, туку во сите области. Дури и во доменот на човековиот дух, во културата и образованието, во науката, како „црни точки“ на автопатите се но мултиплицирани, како тенковски пречки за здравиот разум и нормалното однесување. Ги има секаде, особено во политиката и партиите, а оттаму како црна материја се размножуваат низ системот: во администрацијата (државна и локална), институциите, училиштата и факултетите, невладиниот сектор… И смртоносно делуваат, неуништиви се. Како лебарките, вирусите, бактериите… Го подјадуваат системот одвнатре, дејствуваат разорно врз средината, општеството, демократијата.

А во таа насока, што сѐ не се изнаслушавме од главните политикантски фаци во времето на „Шарената револуција“, од оној Заев, па Шеќеринска, па оној избербатен „полче“…, од оние одамна мизерни „јадровити“ невладини и нивните полуписмени самовљубени водачи, од сличната „сегашна“ квази-интелектуална клиентела жедна за столче до власта или дури и во нејзиниот скут! Се покажа дека „шареното“ не беше синоним за револуцијата што донесе само јад и духовна беда туку личен опис на „револуционерите“ премачкани со сите бои. Кога ќе се потсетите што сѐ се случуваше низ улиците на Скопје, какви ветувања ечеа од мегафоните, колку пати на збор градот и државата беа преуредени, стокмени, исчистени, спастрени по европски терк, дивоградбите урнати, зеленилото вратено, судовите реформирани, културата расцутена, образованието шангаизирано, здравството американизирано… А всушност – гола вода, нечиста, засмрдена. И колку валкани пари се истурија…

Затоа што – се покажа – не било до градот и до државата, туку до луѓето. Цела толпа луѓе-дивоградби требаше да бидат инсталирани како „сегашни“, како некаква нова власт. Демек народна, демократска, прогресивна, проевропска, визионерска…, којашто ќе ја извлече земјата од балканската кал и дивоизградениот систем. А народот ќе го направи – сегашен: антидатирана дивоградба без минато!

Како ли се лажевме дека тие ќе ја извлечат земјата од калта иако беа ветви, трошни, трули и зарѓани, од стар материјал и со криминална структура? Тоа впрочем се виде веднаш со аболицијата на главниот ороводец, оној „сегашниот“ кој не знае кој јазик го говори! Ама ние не сакавме да ги видиме во вистинсакта светлина, онакви неуки, полуписмени, со провинциски ментален склоп но „европски“ апетити и буржујски амбиции. Божем родени со златно лажиче во устата, но со опинци на ноџињата. Се видоа себеси како новата „прогресивна“ елита на „сегашна“ Македонија: оние Заев, Шеќеринска, Маричиќ, Царовска, Трпеновска, Шукова, Спасовски, Пендаровски…, а сега Филипче и неговиот куќен совет! Абе нормални ли бевме та верувавме на такви луѓе-дивоградби? Зарем не нѐ научи историјата дека тоа не е вистинскиот пат, дека таквите луѓе се само навидум фасади а всушност скапани дивоградби со краток век, дека современите демократии уриваат такви дивоградби а не пак да ги одржуваат?

Длабоко коруптивниот дивоградбен систем на „Скопје 2014“ тие го преселија во централната власт: ќе загребеш по фасадата – труло, ќе удриш посилно – се рони стиропор, ќе ги плаќаш со злато – ќе ти вратат со кал. Сѐ што допреа – упропастија. Или искрадоа. Како оние тони и тони лигнит за РЕК-от. Ама сепак, и понатаму, бесрамно обвинуваат на сите страни за некакви и нечии „криминални коалиции“ (како нивната „координаторка“ во Советот на град Скопје), ја „просветлуваат“ јавноста дека секој граѓанин ќе ги враќал британскиот и унгарскиот кредит (небаре до сега тие за нас ги враќаа кредитите), дури и „Евростат“ лаже во полза на новата власт а за да им го снизи рејтингот на „сегашниве“ итн.

Сето тоа е прастар, опробан систем на информациски дивоградби од луѓе-дивоградби, Впрочем, како што велат и нивни сопартијци, а овие „сегашниве“ и на тоа молчат, и сегашното раководство на куќниот совет е комплетна – дивоградба!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини