„ДАЛИ ДЕКЛАРАЦИЈАТА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ Е ДОВОЛНА ГАРАНЦИЈА ЗА МИЦКОСКИ?“ Филипче вели дека го прифатил повикот на премиерот за лобирање

Филипче праша дали оваа декларација ќе биде доволна гаранција за Владата за да го откочи евроинтеграцискиот процес.

400

Претседателот на СДСМ Венко Филипче на сопствена иницијатива разговарал со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) за Македонија да добие поддршка од партијата во Европскиот парламент, по повикот на премиерот Христијан Мицкоски сите да лобираат за резолуцијата за македонскиот идентитет и јазик, за која следната недела ќе се расправа во Европскиот парламент.

– Јас веќе вчера зборував со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), во чије семејство ние припаѓаме, господинот Џакомо Филибек, во однос на координации. Денес ги продолжуваме разговорите, да видиме кои се тие конкретни чекори коишто треба да ги направиме, да разговараме со европратениците кои припаѓаат во нашето семејство на демократи и социјалисти – рече Филипче.






Тој праша дали оваа декларација ќе биде доволна гаранција за Владата за да го откочи евроинтеграцискиот процес.

– Што е целта на оваа декларација и дали конечно доколку биде прифатена тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доволна форма на гаранција за да се започне процесот на уставните измени? Поради тоа што се има впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени линии, меѓутоа, ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одолженото дејство на уставните измени, понатаму беа пресудите во Стразбур, еве сега – декларација во Европскиот парламент. Значи, клучното прашање е што е тоа што е доволно? – рече Филипче.

Тој посочи дека во мандатот на владите на СДСМ се донеле храбри и државнички одлуки со кои се заштитени јазикот и идентитетот на македонскиот народ.

– Ние, како влада, сосема доволно направивме за да се заштити и јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Доказ за тоа е што македонскиот јазик е официјално прифатен во Европската Унија, без никакви ѕвездички или фусноти. Веќе има потпишан прв официјален договор на чист македонски јазик – договорот за Фронтекс. Но, еве, ќе бидеме апсолутно конструктивни, затоа што сметам дека тоа е и добро и правилно, поради тоа што треба конечно да го откочиме овој блокиран процес – рече Филипче.

 

Поврзани содржини