„БИДЕТЕ СПОКОЈНИ, МИГРАНТИ КАЈ НАС ЌЕ НЕМА!“ Мицкоски ги затвори шпекулациите на опозицијата
Премиерот нагласи дека Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, јавно и транспарентно ќе биде презентиран во македонското Собрание откако ќе биде потпишан.
Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема, рече премиерот Христијан Мицкоски во врска со шпекулациите дека со договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство во земјава предвиден е и прием на мигранти.
Според премиерот Мицкоски, договорот е јасен и таква работа нема.
– На ова прашање одговор даде амбасадорот на Обединетото Кралство кој што беше многу јасен, а тој одговор е дека апсолутно нема таква работа. А таа тема се наметна откако во Албанија беше потпишан договор меѓу тамошниот премиер и премиер на една земја во Европската унија за изградба на кампови каде што Албанија ќе прими неколку десетици илјади мигранти. Аналогно на тоа, таа тема се пренесе тука, но таа тема е затворена. Јас разбирам дека дел од опозицијата и малкумината нивни поддржувачи се обидуваат да растурат пердуви мислејќи така дека ќе го оцрнат овој стратешки договор и дека ќе нанесат штета на имиџот и работата на Владата. Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема – истакна премиерот Мицкоски.
Во изјава за медиумите, претседателот на македонската влада нагласи и дека Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, јавно и транспарентно ќе биде презентиран во македонското Собрание.
– Денеска се става параф на тој договор, потоа документот ќе дојде во парламентот пред пратениците. Ние шверцерски ништо не носиме, не злоупотребуваме европско знаме, ќе видат пратениците сѐ што следи од тој проект, изградба на пруга што ќе ги поврзе Табановце и Гевгелија, реконструкција и модернизација на пругата, завршување на Клинички центар во Штип заедно со зграда за Медицински факултет и Студентски дом, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничка болница во Тетово. Тука не застануваме бидејќи имаме најмалку уште 60 проценти од рамката што ни е на располагање. На ваков начин се гради државата, наместо како што беше во минатото кога се крадеше – посочи Мицкоски.