ЌЕ РАЗМИСЛИ УШТЕ НЕКОЈ ДЕН КОГО ДА ПРЕДЛОЖИ ЗА ГУВЕРНЕР Сиљановска Давкова денеска нема да даде предлог за нов шеф на Народната банка
Сиљановска Давкова треба да се одлучи за еден од тројцата кандидати - поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески и актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска.
Претседателската Гордана Сиљановска Давкова денеска нема да даде предлог за нов гувернер на Народната банка, иако претходно беше најавено дека предлогот ќе го достави денеска до Владата и до Собранието.
Предлогот требаше да се разгледува на утрешната седница на Собранието.
Од Кабинетот на претседателката за Плусинфо велат дека си дала време да размисли откако се консултирала со повеќе правници и со Законот за Народна банка.
– Претседателката ќе размисли уште неколку дена пред да одлучи кого од тројцата кандидати со кои веќе изврши разговор ќе го предложи за гувернер на Народна банка – велат од Кабинетот на претседателот.
Оттаму информираат дека Сиљановска Давкова треба да се одлучи за еден од тројцата кандидати – поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески и актуелната гувернерка Анита Ангеловска – Бежоска.
Сиљановска Давкова се повикува на Законот за Народна банка во кој се предвидува доколку не биде избран навреме гувернер, актуелниот да ја извршува функцијата до изборот на нов.
Според членот 55 од Законот за Народната банка, член на Советот на кој му истекол мандатот, до именување на нов член, ги има истите овластувања и ги извршува истите задачи утврдени со закон. Оваа одредба се однесува и на гувернерот на Народната банка, се вели во законскиот текст.
Оваа одредба лани беше внесена во Законот за Народна банка на предлог на Меѓународниот монетарен фонд за да се обезбеди континуитет во работењето на Централната банка во случај да не се избере нов гувернер.
Петгодишниот мандат на актуелната гувернерка Анита Ангеловска Бежоска која стапи на функцијата на 22 мај 2018 година, истекува на 21 мај.
КОЈ ЌЕ БИДЕ НОВИОТ ГУВЕРНЕР НА НАРОДНАТА БАНКА Славески, Ставрески или Кадиевска Војновиќ?