НЕ СЕ ПРОБЛЕМ БУГАРИТЕ ВО УСТАВОТ, ТУКУ ИСТОРИСКИТЕ И ИДЕНТИТЕТСКИТЕ ПРАШАЊА И да нема нови барања од Софија, проблем се веќе поставените барања
Ако нашето членство во ЕУ зависи од резултатите од работата на Историската комисија, од историјата знаеме дека ваквите комисии работат со децении, рече заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во Софија.
Проблемот за Македонија не е вклучувањето на Бугарите во Уставот, рече денеска заменик-министерот за надворешни работи Зоран Димитровски во Софија, каде учествува на форумот „Европската Унија се среќава со Балканот“.
– Она што предизвикува грижа е целиот пакет со преговарачката рамка вклучително и протоколите. Не сме загрижени дека Бугарите ќе станат дел од Уставот на Република Северна Македонија. Докажавме дека ги почитуваме човековите права и етничките малцинства. Немаме проблем со ова, но се плашиме дека нашето пристапување во ЕУ ќе стане билатерално прашање и ќе зависи од резултатите на Историската комисија меѓу Бугарија и Македонија. Вакви комисии работеа меѓу Германија и Франција и меѓу Германија и Полска со децении по Втората светска војна, а веројатно ќе продолжат да го прават тоа и сега. Ниту едната страна не отстапува од историскиот наратив. Многу е тешко да се постигне заедничко решение за прашања што се поврзани со историјата и идентитетот. Неопходно е билатералните идентитетски и историски прашања да бидат надвор од преговарачкиот процес – рече Димитровски.
Ако нашето членство во ЕУ зависи од резултатите од работата на Историската комисија, од историјата знаеме дека ваквите комисии работат со децении, додаде тој.
– Ја започнавме европската интеграција заедно со Хрватска и таа е веќе членка, но ние не сме. Го сменивме името на земјата – билатерален критериум. Мораше да се откажеме од многу важни атрибути на нашиот идентитет, но и покрај ова, не сме во ЕУ. Сè уште постојат билатерални критериуми. Многу ми е мило што г-ѓа Илијана Јотова рече дека нема да има дополнителни критериуми и барања од Бугарија, но проблемот се веќе поставените барања – рече заменик-министерот Димитровски.
Во врска со изградбата на Коридорот 8, тој изјави дека Коридорот 8 е многу важен за НАТО и за Македонија, како и Коридорот 10.
– Слушнавме дека Бугарија го насочува буџетот кон други железнички линии во други делови од земјата. Се согласуваме за изградбата, но чини многу пари. Ни требаат европски средства, за да не земаме кредити од Кина. Сакаме Бугарија да ни помогне, заедно да аплицираме за европски средства – рече заменик-министерот.
Димитровски истакна дека неговата земја и сите други земји од поранешна Југославија имаат потреба Соединетите Американски Држави да ја одржат својата посветеност кон Западен Балкан.
– Имаме стратешко партнерство со САД. За нас е важно тие да ја гарантираат безбедноста на Балканот. Ќе биде потребно време Европа да има целосен капацитет да ја гарантира безбедноста на континентот. Развојот на нови воени сојузи на Балканот, во кои се вклучени и земјите од НАТО, би можел да биде контрапродуктивен. Овие воени сојузи, поддржани од Хрватска и Унгарија, нема да функционираат – рече Димитроски.
На форумот свои обраќања имаа и потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.