ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПОДНЕСЕ ЖАЛБА ЗА 2-ГОДИШНАТА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ПРЕГАЗЕНАТА ТЕОДОРА Бара повисока санкција за возачот Пајазити
ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет, пред тој да биде правосилно завршен. Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со 2-годишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата, соопшти Обвинителството.
Обвинителството поднесе жалба за 2 годината затворска казна за возачот Менсур Пајазити кој ја прегази 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово во август 2022 година. Според Обвинителството казната е ниска и бара повисока.
Жалбата е поднесена и покрај тоа што Судскиот совет расчисти дека 2-годишната казна на повтореното судење е максималната што судијата Ељмедин Ферати можел да му ја пресуди на возачот Пајазити. Причина за тоа е што во првата постапка Апелација Гостивар му ја намалила првичната пресуда од 3,5 години на 2 години затвор. Обвинителството не се жалело во постапката, а потоа Врховниот суд ги укина двете пресуди и го врати судењето од почеток. На повтореното судење судијата од Основниот суд Тетово имал право да му досуди максимално 2 години затвор и ниту ден повеќе.
„Основното јавно обвинителство Тетово изјави жалба на пресудата на Основниот суд во Тетово од 7.4.2025 година со која обвинетиот М.П. беше осуден за Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300, став 4, во врска со член 297, став 3 и му беше изречена казна затвор во траење од 2 години. Жалбата е вложена поради висината на кривичната санкција, која според обвинителот е преблага во однос на тежината на стореното кривично дело и степенот на кривична одговорност на обвинетиот“, соопшти Јавното обвинителство.

Меѓу околностите поради кои Обвинителството бара построга казна се особено тешките подледици од сообраќајната несреќа, во која пешакот Теодора Ристовска се здоби со тешки телесни повреди од кои потоа почина, се додава во соопштението.
„ОЈО Тетово го имаше предвид мислењето на Судскиот совет изнесено во однос на овој предмет, пред тој да биде правосилно завршен. Меѓутоа, со оглед на тоа што Јавното обвинителство во претходната постапка за овој настан во ниту еден момент не се согласило со 2-годишна затворска казна, надлежниот јавен обвинител смета дека сепак има простор за корекција на санкцијата“, се вели во соопштението.
Не е јасно како Обвинителството соопштува дека во претходната постапка не се согласило на намалена казна, кога од пресудата на гостиварка Апелација се гледа дека токму вишата обвинителка Вјолца Елмази на јавната седница побарала делумно да се уважи жалбата на осудениот во делот на казната, односно да се досуди пониска затворска казна.
„Освен тоа, општиот јавен интерес, предизвикан од зачестеноста на вакви кривични дела како појава, укажува на потребата од јакнење на казнената политика како превентивен механизам, па јавниот обвинител одлучи да ја искористи законската можност и да побара од Апелацискиот суд Гостивар да ја преиначи казната во повисока. Дополнително, и семејството на жртвата, кое во оваа фаза од постапката нема право на жалба, писмено со обрати до Обвинителството, за да побара да ја обжали пресудата“, соопшти Обвинителството.
По 2 годишната пресуда за смртта на Теодора, нејзиното семејство излезе со жестоки реакции и со значајно прашање – „колку вреди животот во Македонија“.
Освен Судскиот сувет и тетовските судии ја бранеа одлуката на колегата Ферати, кој беше нападнат во јавноста поради пресудата од 2 години затвор.
„Судијата, во повторената постапка, обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја во предвид забраната за менување на полошо (reformatio in peius) како начело предвидено во Законот за кривична постапка. Со претходните одлуки на Апелациониот суд Гостивар и на Врховниот суд, новата пресуда на Основниот суд Тетово не смее да се измени на штета на обвинетиот ниту во однос на правната квалификација на делото, ниту во однос на кривичната санкција“, соопштија неодамна од подружницата на Здружението на судии во Основниот суд Тетово.