ОБНОВАТА НА САЛАТА „РАБОТНИЧКИ“ Е ДОКАЗ ДЕКА ПОЛИТИЧКИТЕ РАЗЛИКИ НЕ СЕ ПРЕЧКА ЗА СОРАБОТКА Министерот Перински на работна средба со градоначалникот Герасимовски
Перински посочи дека министерството е фокусирано и кон поддршка на процесот за дигитализацијата на услугите на локалната самоуправа, со цел да се создават модерни, дигитализирани општини, кои ќе бидат поефикасни, поуслужни и подостапни за секој граѓанин.
Недостигот на паркинг-места и проблемите со јавната хигиена беа во фокусот на разговорот на министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Министерот Перински ја посети Општина Центар во рамки на иницијативата „Каде што срцето е дома“ и одржа работна средба со градоначалникот Герасимовски и со членовите на општинскиот Совет. Насредбата разговараа за активните проекти во општината, за плановите за понатамошен развој на централното градско јадро, како и за системски решенија на тековните предизвици.
„На средбата се дискутираше и за планираните измени на Законот за локална самоуправа, со кои, како што заклучија сите присутни, ќе се овозможи зголемување на отчетноста на градоначалниците и транспарентноста на општините. Ќе се обезбеди и поголема ефикасност на локалните власти, кои ќе можат брзо и ефикасно да ги решаваат проблемите на терен со кои сега се соочуваат“, соопшти Министерството за локална самоуправа.
Перински на средбата посочи дека министерството е фокусирано и кон поддршка на процесот за дигитализацијата на услугите на локалната самоуправа, со цел да се создават модерни, дигитализирани општини, кои ќе бидат поефикасни, поуслужни и подостапни за секој граѓанин.
„Безрезервно, сите присутни на средбата, се заложија дека ќе продолжат со континуирана соработка со централната власт, со единствена и јасна цел, поквалитетно секојдневие на секој граѓанин. Токму проектот за реконструкција на спортската сала Работнички, што се реализира со средства од државниот буџет, ја потврдуваат нивната соработка и заедничките напори. Овој проект, кој е одобрен на првиот владин повик за поддршка на општински проекти е доказ дека независно од политичките определби, сите инволвирани треба да бидат фокусирани на потребите на граѓаните и напредокот на општините. Перински и Герасимовски беа децидни дека за нив политиката не е и нема да биде пречка за развој на општината. Политичките разлики се лесно надминливи, доколку посветено и искрено се работи во интерес на конкретни решенија за подобро утро на секој граѓанин“, соопшти Министерството за локална самоуправа.