БУГАРСКА ФОНДАЦИЈА БАРА 10.000 ЕВРА ОД ПАРТИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ Напнато беше на рочиштето во Корча
Претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција нагласи дека сите активности на бугарската фондација во Албанија се реализираат во тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана.
Фондацијата „Бугарска меморија“ од Бугарија бара од единствената партија на Македонците во Албанија оштета во висина од 10.000 евра и јавно извинување, тврдејќи дека е добротворна организација која преку донации помага, без никакви асимилаторски цели.
На рочиштето на 9 мај во Основниот суд во Корча беше напнато. Адвокатите на бугарската фонација, кои тужат, тврдат дека Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) со официјален допис до албанскиот државен врв и меѓународните институции побарала забрана на активностите на оваа фондација, пишува МКД.
Бугарската фондација вели и дека МАЕИ ја наклеветила дека „корумпира албански функционери со цел асимилација на Македонците” како и дека учествува во создавање „криминална група поврзана со бизнисот со бугарски пасоши, издавање лажни потврди и влијание врз пописот на населението во Албанија”.
На прашање од судијката, адвокатите на бугарската фондација рекле дека е можна спогодба под услов МАЕИ јавно да се извини и да прекине со јавните обвинувања.
Претседателот на МАЕИ, Васил Стерјовски на ова остро одговори дека „ние сме Македонци и никогаш нема да прифатиме дека сме Бугари“, додавајќи дека преку оваа тужба се врши притисок да се замолчи единствениот политички субјект што се бори за правата и идентитетот на Македонците во Албанија.
Тој нагласи дека сите активности на фондацијата во земјата се реализираат во „тесна координација со бугарската влада, Министерството за надворешни работи на Бугарија и бугарската амбасада во Тирана”.