7 НОВИ УАПСЕНИ ПОЛИЦИСКИ НАЧАЛНИЦИ И СЛУЖБЕНИЦИ Плеткале со лиценцата на дискотеката на смртта

Со овие дејствија осомничените овозможиле работа на локал кој претставувал сериозна опасност за граѓаните. Трагичниот настан кој се случи на 16 март 2025 година е директна последица на нивната незаконска постапка“, изјавија од Основното јавно обвинителство.

1,940

Четири началници и тројца службеници, за кои се претпоставува дека се истите кои беа сменети од раководни функции во СВР Штип и ОВР Кочани во текот на вчерашниот ден се предмет на истрага за пожарот во Кочани, дознава Плусинфо.

Обвинителството поднесе кривична пријава против седум полициски службеници за „Тешки дела против општата сигурност“, откако утврдило дека нивните постапки овозможиле работата на кабаре во Кочани кое не ги исполнувало законските услови, што довело до трагичниот пожар во кој загинаа 59 лица, а 196 беа повредени.






Според Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања, осомничените полициски службеници, вработени во СВР Штип и ПСОН Кочани, изготвиле, потпишале и одобриле позитивна согласност за правното лице што го управувало кабарето, иако објектот не ги исполнувал условите за безбедно функционирање.

„Со овие дејствија осомничените овозможиле работа на локал кој претставувал сериозна опасност за граѓаните. Трагичниот настан кој се случи на 16 март 2025 година е директна последица на нивната незаконска постапка“, изјавија од Основното јавно обвинителство.

Во наредниот период се очекува судот да одлучи дали ќе го прифати барањето за притвор на седумтемина полицајци.

Министерот Тошковски вчера донесе одлука да ги смени началникот на Секторот за внатрешни работи Штип, помошник началникот на СВР Штип, началникот на Одделението за полиција Штип, началникот на Одделението за криминалистичка полиција Штип, началникот на Одделението за внатрешни работи Кочани, командирот на Полициската станица од општа надлежност Кочани и началникот на Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани.

Министерот оваа одлука вчера ја образложи дека замената на овие седумина е поради тоа да не влијаат во истрагата за пожарот во дискотеката Пулс.

Поврзани содржини