НЕУСПЕХ ВО БОРБАТА СО БУЧАВАТА, ОТПАДОТ И СО МИКРОПЛАСТИКАТА Европа нема да ги исполни целите за намалување на загадувањето до 2030 година
Количината на неселектиран комунален отпад треба да се преполови до 2030 година, но од 2018 година е намалена за само 1,5 отсто, се вели во извештајот на Европската агенција за животна средина.
Европската Унија нема да успее да ги исполни повеќето од своите цели за намалување на загадувањето до 2030 година, покажува извештајот на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), објавен денеска.
И покрај напредокот во намалувањето на загадувањето на воздухот, употребата на пестицидите и на пластичниот отпад во морето, „потребни се многу поинтензивни мерки“ за постигнување на целите за намалување на бучавата, ослободувањето на микропластиката и создавањето отпад, се наведува во извештајот.
– Европските граѓани сакаат чист воздух, вода и почва, како и безбедни хемикалии за да ја заштитат својата средина и здравјето. Само со навремена и амбициозна имплементација на нашите политики можеме да создадеме подобра животна средина за сите – изјави комесарката за животна средина на ЕУ, Јесика Росвал.
Според целите на ЕУ, бројот на луѓе хронично изложени на бучава од сообраќај треба да се намали за 30 отсто до 2030 година, но од 2017 година досега е постигнато само 2 проценти намалување.
Количината на неселектиран комунален отпад треба да се преполови, но од 2018 година е намалена за само 1,5 отсто.
Ослободувањето на микропластиката во животната средина, наместо да се намали за 30 отсто, се зголемило за 7 до 9 отсто од 2016 година.
Извршната директорка на ЕЕА, Лена Ила-Монен, предупреди дека намалувањето на потрошувачката и промоцијата на кружната економија се клучни за постигнување на поставените цели.