НАМЕСТО КРИМИНАЛЦИ, ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЌЕ ЛОВИ ЗАГАДУВАЧИ Скопското обвинителство отворило предмет за аерозагадувањето
Сите надлежни инспектори и институции добиле налог да извршат контрола на сите инсталации и градилишта, како и на институциите што се греат на мазут, а од ОЈО Скопје велат дека дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, без да прецизираат за каков предмет се работи.
По барање на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска се вршат координирани вонредни инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за животна средина и општинските инспектори од општините и од Градот Скопје, како и од МВР и Дирекцијата за заштита и спасување, на подрачјето на главнот град, соопшти Јавното обвинитрлство.
„Дејствијата се преземаат во рамките на предмет поврзан со загадувањето на воздухот во Скопје, а сите надлежни институции се задолжени да изготват соодветни извештаи од извршените контроли и да ги достават до Обвинителството“, соопшти ЈО, без да прецизираат за каков предмет се работи.
Во соопштението се наведува дека државните инспектори треба да вршат надзори во инсталациите кои поседуваат А интегрирана еколошка дозвола или елаборат за чие одобрување е надлежно Министерството за животна средина.
„Инспекцискиот надзор ќе биде фокусиран над инсталациите кои при извршување на технолошките процеси може да имаат удел во нарушување на квалитетот на амбиентниот водзух и во правните субјекти кои за загревање на објектите користат мазут/нафта. Со иста задача, овластените инспектори за животна средина при Градот Скопје и во општините треба да направат направат вонредни инспекциски надзори во инсталациите кои поседуваат Б интегрирана еколошка дозвола. Комуналните инспектори и редари се задолжени да вршат проверка дали возилата кои излегуваат од градежните парцели ги мијат тркалата, дали има одлагање на отпад на јавните површини или палење на оган на отворено“, се вели во соопштението на ЈО.
Министерството за внатрешни работи, се додава во соопштението, врши контрола дали се почитува посебниот сообраќаен режим за тешките товарни возила, насочувајќи ги кон обиколни патишта, со цел да се намали сообраќајот во урбаните средини.
„Инспекторите во ДЗС треба да извршат контрола на правните субјекти, органите на државна управа, единиците на локална самоуправа, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите за заштита и спасување од пожари на луѓето кои за загревање на просториите користат мазут или нафта дали редовно ги одржуваат горилниците и редовно ги чистат димоводните канали, согласно пропишаната законска динамика. По доставување на сите извештаи, доколку во нив се содржани елементи на кривично дело од областа на животната средина и природата, Основното јавно обвинителство Скопје веднаш ќе поведе постапки против сторителите“, соопшти Јавното обвинителство.