СРПСКИ ТОКСИЧЕН СОК ПОВЛЕЧЕН ВО ХРВАТСКА Производот засега го нема во Македонија, потврдуваат од АХВ

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за Плусинфо велат дека ја следат состојбата и доколку има потреба, ќе преземат мерки.

859

На македонскиот пазар засега нема небезбеден сок од Србија, соопштија за Плусинфо од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), откако хрватските санитарни инспектори наредија итно уништување на пратка со сок од јаболко поради присуство на микотоксини.

Од АХВ велат дека ја следат состојбата и доколку има потреба, ќе преземат мерки.






„Како контакт точка на Системот за брзо известување за небезбедна храна и храна за животни на Европската унија (RASFF), до овој момент Агенцијата за храна и ветеринарство нема добиено известување дека на македонскиот пазар е пласиран небезбеден сок по потекло од Република Србија. АХВ ја следи состојбата и доколку се јави потреба, навремено ќе преземе мерки“, велат од Агенцијата за Плусинфо.

Инаку, хрватските инспектори наредија итно повлекување и уништување на српскиот сок од јаболко откако Европскиот систем за безбедност на храна (RASFF) објави дека во него е откриен микотоксинот патулин.

Овој токсин, кој го произведуваат одредени видови мувла, бил присутен во примерок од сокот во концентрација од 93 микрограми на килограм јаболка, додека прописите не дозволуваат никакво присуство на оваа супстанца.

Според упатствата на Европската унија, максималниот толерантен дневен внес на патулин во организмот е 0,4 микрограми по килограм храна. Патулинот најчесто се наоѓа во соковите добиени со пресување свежи јаболка, а научните студии потврдуваат дека оваа супстанца е токсична за организмот.

Симптомите на акутно труење со патулин вклучуваат возбуда, грчеви, отежнато дишење и пулмонална конгестија, додека во потешки случаи може да предизвика дигестивни проблеми, чиреви, крварење и оштетување на бубрезите.

Поврзани содржини