ЗА 8 ЦАРИНИЦИ ОТКАЗ, ЗА 11 КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ИЗМАМА, ФАЛСИФИКАТ И ЗЛОУПОТРЕБА Царинската управа има зголемена наплата и повеќе заплени

Како резултат на зајакнатите контроли, во втората половина од 2024 година бројот на откриени неправилности е зголемен за 87,3 проценти, вели директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.

2,356

Уште 8 лица, од кои тројца цариници, се осомничени за вршење кривични дела со употребувани возила и до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе се поднесени кривичните пријави, рече директорот на Царинската управа, Бобан Николовски во емисијата „Дејли клик“ на ТВ 21.

Вкупно досега се опфатени 32 лица, од кои 11 се цариници, додаде тој, и тие се сомничат за царинска измама, прикривање стока од сторено кривично дело царинска измама, фалсификување и за злоупотреба на службена должност и овластување.






За 8 царински службеници веќе има решенија за отказ, рече Николовски.

– Не амнестираме никој, разгледуваме што се случувало, но одиме напред и спроведуваме реформи, со цел остварување подобри резултати. Буџетот беше празен и ние моравме да дадеме брзи резултати. Одиме добро и во континуитет остваруваме добри резултати – потенцира директорот.

Во јули е остварена историски највисока наплата на приходи во еден месец. Во втората половина од 2024 година се наплатени 65,2 милијарди денари или 4 милијарди денари повеќе во однос на истиот период во 2023 година.

– Како резултат на зајакнатите контроли, во втората половина од 2024 година бројот на откриени неправилности е зголемен за 87,3 проценти. Во 2024 година има 410 случаи на заплени, од кои 305 се во втората половина. Мобилните тимови на одделението за оперативни работи во 2021 година оствариле 52 заплени, во 2022 година 86, во 2023 година 110, а во 2024 година остварени се 193 заплени, што најмногу се должи на зајакнатите контроли во втората половина од годината – рече директорот Николовски.

Поврзани содржини