МИЦКОСКИ ЌЕ ЗАДАДЕ УДАР ДИРЕКТНО ВО ЧЕЛО Премиерот очекува оставки од членовите на Судскиот совет
Судско-обвинителскиот сектор е политичко мочуриште полно со скандали. Вака повеќе не може. Очигледно е дека граѓаните не се задоволни од обвинителството и од судството во земјава, но како што реков, наскоро ќе зададеме удар директно во чело, рече премиерот Мицкоски.
Се надевам дека доколку пратениците изгласаат недоверба на членовите на Судскиот совет, тие ќе бидат доблесни и ќе си дадат оставки, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
– Tреба да се удри по чело, да не се обидуваме да правиме експерименти. Судско-обвинителскиот сектор е политичко мочуриште полно со скандали. Вака повеќе не може. Очигледно е дека граѓаните не се задоволни од обвинителството и од судството во земјава, но како што реков, наскоро ќе зададеме удар директно во чело – додаде Мицкоски.
Премиерот објасни дека дури и ако на членовите на Судскиот совет им се изгласа недоверба во Собранието, тие можат да продолжат со своите функции. Затоа вели дека очекува оставки од нив ако се изгласа интерпелација.
– И покрај тоа што ќе се изгласа интерпелација тие можат и натаму да останат дел од Судскиот совет, не велам дека тоа е неточно, но во услови кога тој што те избрал ти гласа повторно недоверба, ти продолжуваш да водиш инает – тоа не е добро и тогаш имаме други механизми и алатки – додаде Мицкоски.
Тој претходно преку својот профил на Фејсбук најави иницијатива за распуштање на Судскиот совет, која ќе ја поднесат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски напиша дека на државата и на граѓаните им е потребна правда, а правда може да се добие со длабоки реформи и со сериозни промени, наспроти досегашните пракси на злоупотреби, кои имаат пуштено длабоки корени во системот.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во предизборната програма најави дека една од мерките за враќање на довербата на граѓаните во правосудството ќе биде распуштање на Судскиот совет, како и носење нов закон за оваа висока судска институција.
ВМРО-ДПМНЕ ТРГНА КОН РАЗРЕШУВАЊЕ НА СУДСКИОТ СОВЕТ Мицкоски најави иницијатива од пратениците