ЕВРОПА НЕМА ДА ОДИ СПРОТИ ВЕТРОТ, ТУКУ ЌЕ БИДЕ ОДВЕАНА ОД БУРА Кои европски индустрии би страдале најмногу од царините на Трамп?

Претседателот на САД, Доналд Трамп, има долга историја на користење екстремни закани со царини како преговарачка тактика, но пазарите реагираат како овој пат да е поинаков. Во претходните трговски војни (како со Кина во 2018 година), тарифите првично се сметаа за договори за пазарење, за да бидат потоа наметнати во секој случај, што им наштети на двете страни пред да се постигне договор на крајот. Истото може да се случи и сега, освен тоа што сега, Европа можеби е уште помалку подготвена да отстапи, со оглед на растечките геополитички тензии.

264

Предупредувањата постојат со месеци, но сега се чини неизбежно – наближуваат царините на претседателот на САД, Доналд Трамп, за европските стоки.

Први на удар му беа Канада, Мексико и Кина, но Трамп се насочи и кон ЕУ, нарекувајќи го трговскиот биланс „злосторство“ и вети дека царините „дефинитивно ќе се воведат“.






За многу инвеститори, надежта беше дека ова ќе биде само уште една рунда тешки разговори, со договор во последен момент, кој ќе спречи сериозна штета. Но, со ескалацијата на тензиите и со ветувањето на европските лидери дека „цврсто ќе одговорат“, ризикот од целосни трговски нарушувања расте, се вели во анализа на данската банка Саксо.

Според неколку економски анализи, постои широка согласност дека предложената универзална царина од 10% на Трамп за сите американски увози може значително да го наруши европскиот раст, да ја засили дивергенцијата во монетарната политика и да ги оптовари клучните сектори, зависни од трговијата, како што се автомобилската индустрија или трговијата со прехранбени продукти.

Долгорочните ефекти врз економската отпорност на Европа би можеле да се покажат уште позначајни доколку царините доведат до долготрајни трговски конфликти, што ќе ја поттикне Европската централна банка (ЕЦБ) да одговори со агресивно намалување на каматните стапки за да го ублажи влијанието, се вели во анализа на Јуроњуз.

Ситуацијата сè уште се развива, но еве што е познато досега за можното влијание на политиката на Трамп врз европските пазари. Кога ќе може да се почувствуваат последиците и што треба да направат долгорочните инвеститори?

Дали навистина ќе се воведат царините?

Сите знаци укажуваат на тоа дека ќе се воведат царините кои Трамп ги најави.

Трамп има долга историја на користење екстремни закани со царини како преговарачка тактика, но пазарите реагираат како овој пат да е поинаков. Во претходните трговски војни (како со Кина во 2018 година), тарифите првично се сметаа за договори за пазарење, за да бидат потоа наметнати во секој случај, што им наштети на двете страни пред да се постигне договор на крајот. Истото може да се случи и сега, освен тоа што сега, Европа можеби е уште помалку подготвена да отстапи, со оглед на растечките геополитички тензии и промената на економската самодоверба.

За инвеститорите е јасно, тие треба да се подготват за нестабилност и за можни долгорочни нарушувања.

Европа планира да возврати?

Пазарите веќе реагираа. Европските берзи паднаа во голема мера по најавите на Трамп, поврзани со зголемувањето на тарифите, при што автомобилските производители го предводат падот. Еврото ослабе. Инвеститорите се насочија кон американскиот долар, намалувајќи ја вредноста на еврото, а поскапувајќи го увозот во еврозоната.

Лидерите на ЕУ ветија дека ќе возвратат. Ако Трамп продолжи со тарифите, Европа најверојатно ќе возврати со сопствени трговски ограничувања, што дополнително ќе ги ескалира тензиите.

Европската автомобилска индустрија е најзагрозена

Европската автомобилска индустрија е најранлива на царините во САД. Европските производители на автомобили извезуваат возила, вредни милијарди евра, во САД секоја година. Тарифата од 25% на европскиот увоз на автомобили, како што предложи Трамп, ќе ги направи овие возила значително поскапи за американските купувачи. Аналитичарите проценуваат дека таквата тарифа може да го намали профитот за некои производители за 5% или за повеќе.

– Ова не е спротивен ветар за германското производство на автомобили, тоа е целосна бура – вели главниот економист во тинк-тенк Центарот за европски реформи, Сандер Тордоар.

Експертот за автомобили во компанијата „Аликс партнерс“, Ник Паркер, пак, предупредува дека ова можеби претставува егзистенцијална закана.

Германската автомобилска индустрија ќе биде најголемиот губитник доколку Европа биде вовлечена во трговска војна и според анализата на „Оксфорд економикс“, објави британски Телеграф.

Доколку САД и ЕУ меѓусебно се судрат со царини од 25%, консултантската куќа проценува дека извозот на германски автомобили во САД ќе се намали за 7%.

Само Италија е блиску, со прогнозиран пад од 6,1% на извозот на автомобили во САД.

Франција и Шпанија ќе бидат многу помалку погодени со падови од 1,7 и 1,9% соодветно.

Кои други индустрии се загрозени?

Од скапиот увоз во САД може да страдаат и врвните брендови на луксузни стоки. Европа е дом на некои од најпрестижните светски луксузни брендови и групации, вклучувајќи ги ЛВМХ, „Ермес“, „Ришмон“ и многу други. На многу од овие компании, значителен дел од приходите им се од американските потрошувачи. Со зголемените цени поради царините, клиентите во САД може да ги намалат трошоците за луксузни производи од Европа, што ќе влијае на растот на приходите за европските луксузни брендови. Инвеститорите во луксузни акции треба внимателно да ги следат податоците за продажбата во САД во наредните месеци.

Индустриското производство, исто така, наидува на несигурност во синџирот на снабдување. Компаниите како „Сименс“, „Шнајдер Електрик“ и „Ербас“ може да забележат зголемени трошоци и одложени договори. Бидејќи синџирите на снабдување веќе се затегнати од претходните нарушувања, сите нови трговски бариери само ќе придонесат за предизвиците.

Земјоделството и храната секогаш се веројатна цел за трговска војна. ЕУ извезува значителни количини храна и пијалаци во САД, вклучувајќи и француско вино, италијанско сирење и шпанско маслиново масло меѓу другото. Доколку се воведат тарифи, овие производи би можеле да се соочат со намалена побарувачка, што ќе им влијае на компаниите во секторот.

Европските пазари ќе се соочат со поголема нестабилност

Пазарите мразат несигурност, а царините воведуваат голема несигурност. Индексот „Broad Stoxx 600“ значително падна само по вестите за воведување царини, а можни се дополнителни падови доколку ситуацијата се влоши. Аналитичарите проценуваат дека царината од 10% за европските стоки може да ја намали заработката по акција за европските извозници за 1-2 до 5% или повеќе за компаниите како „Фолксваген“ и „БМВ“.

Централните банки ќе мора да ги спасуваат бизнисите

Доколку тарифите го намалат економскиот раст, централните банки може да бидат принудени да ги намалат каматните стапки порано од очекуваното. Тоа би можело да обезбеди олеснување за некои бизниси, но, исто така, ќе укаже на зголемена загриженост за можно забавување на европската економија.

Што ќе се случи ако сето тоа трае со месеци?

Може ли инфлацијата да се зголеми? Да, но веројатно не многу. Ако бизнисите им ги префрлат трошоците за тарифите на потрошувачите, инфлацијата во Европа може да се зголеми. Сепак, некои аналитичари тврдат дека и покрај целокупното економско забавување, предизвикано од царините, Европа може да се спротивстави на инфлаторните притисоци, држејќи ги цените под контрола.

Дали ова може да ја доведе Европа во рецесија?

Можно е, ако тарифите останат доволно долго. Целосна трговска војна може да го намали економскиот раст на еврозоната, а Германија е најтешко погодена поради нејзината зависност од извозот. Автомобилскиот, индустрискиот и луксузниот сектор ќе го сносат најголемиот дел од падот, додека, пак, домашните бизниси би можеле да бидат поотпорни.

Ако високите царини останат во сила долго време, некои европски компании можеби ќе бидат принудени да ги намалат инвестициите, да го намалат вработувањето, па дури и да отпуштат работници, што ќе изврши притисок врз потрошувачката на производите.

Важни се трендовите на еврото и инфлацијата

Послабото евро им помага на извозниците, но ги повредува потрошувачите со тоа што ги поскапува увозните стоки. Инвеститорите треба да внимаваат на одговорот на Европската централна банка – доколку царините го загрозат економскиот раст, може да следи намалување на каматните стапки. Повисоките царини, исто така, може да ја зголемат инфлацијата и да ги зголемат цените, што ќе влијае на потрошувачката и на маргините на добивка на компаниите.

Овие царини се најавени во време кога европската економија веќе се бори со бавен раст. Колку подолго ова се одолговлекува, толку е поголема веројатноста да се зголеми притисокот врз корпоративниот профит, трошењето на потрошувачите и врз целокупната доверба на инвеститорите.

Подготвил: Хари Кацановски

Поврзани содржини
na