СЕ РАЗГОВАРА СО ЕУ ЗА КОНКРЕТНИ МЕРКИ ПРЕД ЛЕТОТО Регионот бара решение за метежот на границите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија вели дека Македонија е дел од разговори кои земјите од регионот ги водат со ЕУ и со земјите членки на ЕУ во врска метежот на граничните премини. Конкретни мерки според Муцунски се очекуваат пред зголемената летна фреквенција и, според него, постои подготвеност во Унијата да покаже флексибилност.

40

Земјите од регионот, заедно со Европската Унија и нејзините земји членки, интензивно комуницираат и работат на надминување на предизвиците со метежот на граничните премини, кој е поизразени во периоди на зголемена фреквенција, особено во лето – истакна министертот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски.

– Ние како земји од регионот комуницираме и заедно со Европската Унија работиме на овој сериозен предизвик. Забележав и обид темава да се претвори во естрада во соседна Србија, односно естраден пристап, бидејќи се случува голем метеж на граничните премини, особено на копнените – изјави Муцунски.

Муцунски потврди дека се водат дискусии со повеќе земји и во рамките на разни шеми на Европската Унија, кои ги опфаќаат земјите од Западен Балкан, при што се очекува во летниот период да бидат преземени соодветни мерки за намалување на метежот.

– Очекуваме во летниот период, кога ќе има периоди на зголемен метеж, да се преземат соодветни мерки. Во овој момент официјално никој нема добиено одговор и затоа не можам ништо конкретно да споделам. Но, можам потврдам дека имаме разговори, и на највисоко ниво и на техничко-административно ниво, и дека постои подготвеност од земји членки на Европската Унија да покажат флексибилност кон регионот – рече тој.

Министерот оцени дека информациите што се пласираат во јавност се политичка естрада и дека на нив треба да се гледа со голема внимателност.

Поврзани содржини