🎥 КОИ ДЕСЕТ ОБВИНИТЕЛИ СЕ МАФИЈА ВО ЈАВНОТО ОБВИНИТЕЛСТВО? Мустафа Хајрулахи тврди дека тие го контролираат државниот обвинител Љупчо Коцевски
Интервју со суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, во кое тој зборува без ракавици и отворено ги именува обвинителите кои се групираат, вршат притисоци и ги контролираат предметите поврзани со корупцијата на претходната власт.
Кои се десетте обвинители моќници, кои суспендираниот шеф на скопското Вишо јавно обвинителство Мустафа Харулахи ги смета за мафијашка организација, кои ги штитат моќниците од претходната власт и нивната корупција?
Ова е клучната тема за која говори Хајрулахи во интервјуто со уредникот Бранко Героски, во поткастот на Плусинфо:
Хајрулахи тврди дека државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски е политички октроиран од претходната власт и дека е под целосна контрола на групата од десетте обвинители, од кои повеќето се од поранешното Специјално јавно обвинителство, кое заврши неславно.
Во разговорот, Хајрулахи отвора интересни прашања и презентира сознанија за повеќе случаи.
Една од дилемите што ја отвора е дали Прпарим Бајрами, поранешниот директор на Државна лотарија, осомничен за малверзации заедно со Артан Груби, избегал од Македонија баш во периодот кога обвинителот Гаврил Бубевски имал дијареја?
Зошто од 2021 година до бегството на Васко Ковачевски од земјата, упорно бил кочен, запиран и шетан од едно до друго обвинителство активен обвинителски предмет за РЕК Битола против него?
Што е со случајот „Крмзов“, зошто државниот обвинител Коцевски прејудицира дека во тој предмет немало докази?
Како било можно Лиле Стефанова, која повеќе пати постапувала во случајот „Поштенска банка“, во улога на член на комисијата за надзор над работата на Вишото јавно обвинителство, да го инспектира истиот случај?
Како е можно цели три месеци по покренатата истрагата против него од Јавното обвинителство во Штип, за наводен мобинг, Хајрулахи и неговиот бранител да бараат, а да не добијат ниту една информација за истрагата?
И секако, прашања поврзани со клучниот случај „Бонусите на СЈО“, најважната причина поради кој, како што вели Хајрулахи, тој е на удар на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
Во интервјуто, освен за Коцевски, за Бубевски и за Стефанова, Хајрулахи зборува и за Фатиме Фетаи и за другите обвинители од „славната десетка“, која тој ја нарекува мафијашка организација во обвинителскиот систем.