ИЛИЈЕВСКА БИЛА ВО АФЕКТ КОГА ГИ УБИЛА СОПРУГОТ И СВЕКОРОТ, НО СВЕСНА ЗА ДЕЛОТО Сведочеа вешти лица во кумановскиот суд
На судењето на Вангелица Илијевска која лани со нож ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово вештаците од психијатрија рекоа дека при прегледот на обвинетата констатирале дека била во афективна состојба, но афектот не ги надминал физиолошките граници и немал патолошка димензија, во смисла дека не се сеќава на делото.
Во Основниот суд во Куманово продолжи рочиштето против 36 годишната Вангелица Илијевска, која во јуни лани ги уби сопругот Јован и свекорот Стојан во домот во Кратово. Обвинителството бара да се осуди за убиство по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа постапувала во нужна одбрана.
На предлог на Јавното обвинителство денеска беа сослушани вештите лица од психијатрија и од лабораторијата за биолошки траги и за ДНК анализа .
Вештите лица од психијатрија и од невропсихијатрија кажаа дека при прегледот на обвинетата констатирале дека била во афективна состојба, но афектот не ги надминал физиолошките граници и немал патолошка димензија, во смисла дека не се сеќава на делото. Обвинетата била во состојба да го сфати значењето на делото. Таа била во специфична состојба поради хроничната повеќегодишна конфликтна ситуација помеѓу неа и сега починатите Јован и Стојан.
На прашања на одбраната дали при прегледот на Илијевска можело да се види наталожениот негативен набој од претходноте повеќегодишно малтретирање, вештите лица останаа при ставот дека таа во детали опишувала низ што сè поминала, дека реагирала во афект, но не во патолошка смисла. Таа дејствувала бидејќи се чувствувала загрозена за својата безбедност.
Денеска на предлог на Обвинителството беа сослушани и две вешти лица во врска со оставените биолошки траги на двата ножа. Вештите лица кажаа дека имало траги само од Вангелица, од Јован и од Стојан. Одбраната во изјавата кажа дека има забелешки во врска со контаминација на едниот нож од четврто лице.
Адвокатот Христијан Георгиевски вели дека е задоволен од текот на судењето.
– Одбраната останува на својот став и како тече судењето сè повеќе сметам дека се докажува нашата теорија дека обвинетата дејствувала во услови на нужна одбрана. Стручните лица од областа на психијатријата и наодите ја потврдија нашата теза дека навистина се работи за долгогодишна жртва на семејно насилство која низ годините акумулирала стрес од тешките напади од коишто се испразнила во моментот. Неспорно е дека овој стрес се акумулирал со години, таа дејствувала во страв, во услови на силна раздразнетост. Вештите лица. психијатрите, исто така кажаа дека истата немала привремено растројство, меѓутоа, критичниот настан го направила со цел да се одбрани од двајца посилни, покрупни мажи. Вештите лица коишто беа сослушувани во однос на биолошките траги останаа на своите наоди.Не е спорен тој дел за нас, повеќе беше спорна контаминацијата на самиот предмет со кое е извршено делото – изјави Георгиевски.
На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана.
Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни, годинава Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор на Вангелица.
Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован.
На првото рочиште сведочеа мајката и сопруга на Јован и Стојан како и сосед на семејството.
Наредното рочиште е закажано на 28 февруари, годинава и тогаш ќе бидат сослушани сведоци на одбраната.