КОЈ И СО КАКВА ЦЕЛ ГО СЛЕДЕЛ МИЦКОСКИ ДОДЕКА БЕШЕ ЛИДЕР НА ОПОЗИЦИЈАТА? Обвинителството оформило предмет по допрениот глас од премиерот
Јавното обвинителство веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата, кој е даден на постапување на надлежно обвинителство, за да ги испита наводите, соопшти Јавното обвинителство.
Кој издал наредба во предизборните 2020 и 2021 година да биде следен тогашниот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски, со лажно оправдување дека тој инспириал и организирал параполициско-воена вооружана информација? Со која цел е создадена лажната информација во една од државните безбедносни агенции? Колку време се следени Мицкоски, неговата сопруга и двата сина? Зошто за информацијата дека Мицкоски финансира вооружена група не е информирана полицијата? Зошто Мицкоски не е повикан на одговорност и не му е поднесена кривична пријава доколку безбедносната агенција имала информации дека тој организира параполиција? Кому му се доставувани информациите што ги собирале луѓето што го следеле Мицкоски? Кои методи се користени за следење на Мицкоски?
Овие и други прашања треба да ги одговори Јавното обвинителство.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска го повика ЈО да отвори истрага во врска со овие наводи, а од Обвинителството информираа дека веќе оформиле предмет.
„Јавниот обвинител на Република Северна Македонија согласно своите законски овластувања веќе има оформен предмет по допрен глас врз основа на вчерашната изјава на Претседателот на Владата на РСМ, кој на седница за пратенички прашања во Собранието на РСМ изјави дека бил незаконито следен од безбедносни служби во текот на 2020 година. Предметот веќе е даден на постапување на надлежно обвинителство за да ги испита наводите. Имајќи предвид дека се работи за сензитивен карактер на пласираната информација, обвинителството ќе ги преземе сите неопходни активности преку надлежни органи за да ги испита својствата на можни инволвирани лица и евентуалните инкриминирани дејствија“, соопшти Јавното обвинителство.
На седницата за пратенички прашања вчера во Собранието премиерот Мицкоски подетаљно објасни како го следеле во двете предизборни години – во 2020 и во 2021 година, под лажно сомнение дека инспирира, организира и финансира вооружена група. Рече дека за него доставувале информации две лица, со псевдоними „Цилиндар“ и „Џокер“.