Се донел заклучок детето до крајот на првото полугодие да продолжи со онлајн настава со цел во меѓувреме да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението
Учениците од ОУ „Лазо Ангеловски“ во Скопје го прекинаа бојкотот и од вторник се враќаат во редовна настава, јави Сител телевизија, повикувајќи се на информации од Советот на родители.
Денеска во училиштето бил присутен тим составен од Центарот за социјални работи за разрешување и следење на состојбата со актуелниот проблем со третоодделенецот којшто имал насилно поведение. Притоа, како што јави Сител, се донел заклучок детето до крајот на првото полугодие да продолжи со онлајн настава со цел во меѓувреме да се изврши соодветна проценка за заштита на детето и останатите деца во одделението.
„Со оглед на денешниот развој на ситуацијата, нашите барања детето да не биде физички присутно во училиштето се прифатија. Целта на бојкотот на наставата е постигната. Сега понатаму интензивно институционално ќе се решава проблемот, а ние имаме услови да го прекинеме бојкотот и децата да продолжат нормално да следат настава“, соопштиле родителите.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска ја замоли јавноста да им даде на институциите неколку дена за да го решат случајот со третоодделенецот од основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје, кој требаше да биде префрлен во училиштето „11 Октомври“, апелирајќи да не се продолжи со стигматизација на ученикот во јавноста.