ДАМЕВА САКА НЕЗАКОНСКИ ДА ОСТАНЕ ПРЕТСЕДАТЕЛКА НА СУДСКИОТ СОВЕТ Милошоски ja обвинува за политички клиентелизам, таа одговара дека имала прекин во мандатот

Дел од членовите на Советот, заедно со Дамева, се обидуваат на претседателката незаконски да ѝ дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година, вели пратеникот Антонио Милошоски.

234

Судскиот совет сака незаконски да ѝ го продолжи мандатот на претседателката Весна Дамева, предупреди пратеникот Антонио Милошоски. Дамева, пак, одговори дека мандатот на претседателот на Судскиот совет трае две години, а нејзиниот имал прекин.

„Во понеделникот во Судскиот совет се одржал работен колегиум, затворен за јавноста, на кој се отворила расправа за противзаконско продолжување на мандатот на претседателката на Судскиот совет. Имено, членот Весна Дамева на ден 5.12.2022 година е избрана за Претседател на Судскиот совет, а мандатот ѝ завршува на 5.12.2024 година“, објави Милошоски  на Фејсбук.






Членот 8 став од Законот за Суски совет е многу јасен, додава тој, дека мандатот на претседателот на Советот и на заменикот претседател трае две години без право на повторен избор.

„Сега дел од членовите на Советот, заедно со Дамева, се обидуваат на претседателката да ѝ дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година. Со 9 гласа „за“ бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум на 25.11.2024. Овој заклучок е спротивен на член 8 од Законот за Судскиот совет. Заклучокот е без основа, бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на Советот и со тоа не предизвикува правно дејство“, вели Милошоски.

Да биде иронијата поголема, додава тој, овој контраверзен записник на Судскиот совет, во кој со заклучок се предлага незаконско продолжување на мандатот на претседателката, сега не им се доставува на членовите кои гласале против.

„Циркус во боја. Судскиот совет наместо извор на право и судски стандарди стана создавач на неправо и политички клиентелизам. Со ваквото работење Дамева и нејзинината коалиција во Судскиот совет можат да успеат само во едно – и онаа ниска доверба од 2% да ја паднат на уште пониско ниво“, нагласува Милошоски.

Претседателката на Советот Дамева вели дека е неспорен факт дека нејзиниот двегодишен мандат беше прекинат во периодот од 26.4.2023 година до 3.01.2024 година.

„Навистина изненадуваат толкувањата за некакво продолжување на мандатот надвор од утврдениот законски период од 2 години, при постоење на неспорен факт дека при извршување на истиот постои прекин. Јавноста има право да знае за секоја донесена одлука на Судскиот совет, но во конкретниот случај не е донесена одлука. Со оглед дека во два наврати беа донесени Одлуки за разрешување на претседателот на Советот и тоа на 26.4.2023 година и на 4.5.2023 година, сматав за потребно само да се дефинира точниот датум до кога треба да ја извршувам функцијата во траење од 2 години. За правното прашање околу времетраењето на мандатот, иако членовите на Советот имаа свој став, сепак беа консултирани и правни експерти и еминентни стручни лица од областа на правото, па само се потврди ставот на мнозинството дека мандатот треба фактички да се извршува 2 години“, вели Дамева во соопштение до јавноста.

На јавноста ѝ е добро познато, додава Дамева, дека функцијата претседател фактички не ја извршував две години.

„Сметав за потребно да известам за овие околности, пласирани од поединци на кои очигледно им пречи претседавањето на Судскиот совет од моја страна. Ова особено од причина што во изминатиот период во Судскиот совет по сите предмети се постапува брзо и ажурно, а Советот бележи исклучителни резултати во насока на подобрување на состојбата, со цел имплементација на препораките на Оценската мисија на ЕУ“, соопшти Дамева.

Таа додава дека смета дека на граѓаните воопшто не им е важно кој е претседател на Судскиот совет, што е внатрешно, интерно прашање на Советот, но многу им е важно дали претседателот ја извршува својата работа совесно, стручно и согласно со законите.

Прашан за коментар во врска со намерата на Дамева да го продолжи претседателскиот мандат, вчера премиерот Христијан Мицкоски најави дека ќе почне на поинаков начин да се справува со корумпираните  судии и обвинители, затоа што трпението завршило.

Поврзани содржини