ДВЕ НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ОД 11 МИЛИОНИ ЕВРА НА „БРЕИНЧАЈЛД“ Ќе обезбедат работа за 240 луѓе

Двете компании на брендот „Бреинчајлд“ кои работат во земјава - Бреинчајлд продукција и Бреинчајлд производство планираат да инвестираат во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и изградба на целосно нов објект во индустриската зона Жабени во Битола.

994

Владата ќе исплати државна помош на две одделни инвестиции на компанија „Бреинчајлд“ кои се однесуваат на изградба на нов објект во Битола и адаптирање на лабораторија за истражување и развој. Денеска премиерот Христијан Мицкоски и сопственикот и менаџер на компанијата „Бреинчајлд“ Ралф Хенинг Гросел потпишаа договори за соработка.

Двете компании на брендот „Бреинчајлд“ кои работат во земјава – Бреинчајлд продукција и Бреинчајлд производство планираат да инвестираат во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и изградба на целосно нов објект во индустриската зона Жабени во Битола.






Двете инвестиции се во вкупна вредност од 11 милиони евра и ќе се реализираат во период од 5 години. Се планира да се вработат вкупно 240 лица.

– Бреинчајлд продукција поднесе писмо за намери и деловен план за реализација на инвестициски проект за индустриско истражување на почетокот на 2024 година. Инвестицискиот план вклучува вложувања во адаптирање на лабораторија за истражување и развој и набавка на нова современа опрема и машини. Согласно деловниот план и договорот за државна помош, предвидено е компанијата да инвестира вкупен износ од најмалку 2,5 милиони евра во период од 5 години, при што се планирани околу 40-тина висококвалификувани нови работни места – рече Мицкоски на прес конференцијата по потпишувањето на договорите.

Тој информира дека втората компанија „Бреинчајлд производство“ ќе гради целосно нов објект.

– Планот на сопствениците е да изградат целосно нов објект со големина од 3.000 м2 во индустриската зона Жалбени кај Битола и да вработат околу 200 лица. Според инвестициските планови, почетокот на градбата се очекува да биде во 2025 година, а во текот на следните 5 години да се заокружи инвестициски циклус од околу 8,5 милиони евра. И покрај изградбата на новиот сопствен објект, целта на компанијата е да ја зачува и надградува постоечката лабораторија за развој на нови производи и производни процеси, како и за испитување и создавање одржливи материјали – рече Мицкоски.

„Бреинчајлд“ е компанија формирана како заедничко вложување на група инвеститори од Германија и Холандија кои креираат глобален производител на висококвалитетна спортска опрема за спортови на вода и ветер. Производите вклучуваат крила, едра и дополнителна опрема за летање и сурфање на вода.

Бреинчајлд е иновативна компанија која комбинира техничко знаење и практично искуство во целокупниот процес на производство, притоа посветувајќи сериозно време и фокус на одржливи производни практики и циркуларна економија во комплетниот производен циклус.

 

Поврзани содржини