Кого го загрижува масовното иселување?
Европската унија не може да го запре емигрирањето од едни кон други земји, ниту, пак, според суштината на своето постоење како отворен пазар без граници се залага за мерки кои би го ограничувале движењето на работна сила. Но, миграциите, доселувањето кое со собе носи проблеми во однос на интеграцијата во општеството, не се зема повеќе како силен аргумент, онаков каков што во политичката дебата сака да го наметне екстремната десница во Европа.
Граѓаните на прибалтичките земји, Естонија. Летонија и Литванија, порано масовно емигрирале поради невработеност и сиромаштија. Многумина Естонци се иселуваа во Финска, а Полјаците заминуваа во Велика Британија. Денес иселувањето од овие земји, две децении по нивниото зачленување во ЕУ, е значително намалено.
Животниот стандар во Естонија има достигнато значајно повисоко ниво во споредба со пред едена деценија. Естонија, по падот на комунизмот, е рангирана дури меѓу првите десет земји во светски рамки, според функционирањето на принципите на правната држава. Естонците успеаја да ја кренат својата економија на нозе, спроведувајќи едновремено успешни реформи во сите општествени сфери, така што сега естонските граѓани повеќе избираат да останат и да работат дома. На „своето огниште“, што би се рекло во духот на печалбарски жаргон.
И на Полјаците условите за живеење и работа значајно им се подобрија во споредба со пред десетина години, така што полските работници и занаетчии сега поретко се определуваат дури и за сезонска работа во странство. Митот за „полски водоводчија“, што беше создаден во Западна Европа, за сиромав занаетчија кој се разбира во се и работи за половина цена, и кој наводно спие под мостовите на Сена во Париз, или во јавните тоалети во Лондон, е веќе од поодамна заборавен.
Европската унија не може да го запре емигрирањето од едни кон други земји, ниту, пак, според суштината на своето постоење како отворен пазар без граници се залага за мерки кои би го ограничувале движењето на работна сила. Но, миграциите, доселувањето кое со собе носи проблеми во однос на интеграцијата во општеството, не се зема повеќе како силен аргумент, онаков каков што во политичката дебата сака да го наметне екстремната десница во Европа. Во голем број ЕУ-членки многумина, всушност, се загрижени поради масовното иселување, кое трае како активен процес и негативно влијае на демографските трендови.
Европскиот тинк-тенк ECFR (Европски совет за надворешни односи) пред извесно време спроведе истражување со кое беа опфатени околу 50.000 жители во 14 европски земји, кои можеле да изнесат мислења и ставови за тоа што сметаат дека е најважно во нивната земја. Од одговорите што се добиени можело да се заклучи дека емиграцијата, корупцијата, трошоците за живот, здравјето, климатските промени, домувањето, пензиските прашања и невработеноста се сметаат за најмалку исто толку важни прашања како имиграцијата.
Во Италија, Романија, Шпанија, Грција и Унгарија, жителите се повеќе загрижени поради тоа што жителите на нивната земја се иселуваат, отколку дека луѓе од странство се вселуваат во земјата. Станува збор за земји во кои населението или стагнира или значително се намалува. Во Романија за десетина години населението е намалено за повеќе од десет проценти.
Во некои земји, според резултатите од споменатото истражување, многумина изразуваат толку голема загриженост поради иселувањето, така што сметаат дека на нивните сонародници не треба да им се дозволи да ја напуштат земјата на долги периоди. Во Шпанија, Италија и Грција, мнозинството од анкетираните се изјасниле дека дури би поддржале и некаква форма на контрола на иселувањето, со цел тоа да се ограничи. Преку 400.000 Грци, пред се млади и образувани луѓе, емигрирале во изминатата деценија, според извештај од Грчката централна банка.
Во исто време Балтичкиот регион, каде што „белата чума“ несомнено има длабоки историски корени, не се соочува со толкав обем на депопулизација и опаѓање на населението како земјите на југот на Европа. Естонија, Латвија и Литванија, станаа полноправни членки во ЕУ по само три години преговарачки процес, и во 2004 година беа опфатени со досега најголемиот круг на ЕУ-проширувањето. Само десетина години претходно сè уште беше тешко да се верува дека Москва ќе „дозволи“ поранешните советски републики да се зачленат во ЕУ, и уште помалку во НАТО.
Нивната транзиција е завршена со успешни правни и економски реформи, и со реалтивно брз и успешен процес на приватизација на државната сопственост и пристоен процес на денационализација на одземените имоти, без поголеми турболенции и дополнителни манипулации во однос на законските права на претходните сопственици. Се разбира, прибалтичките земји и понатаму се соочуваат со проблеми поврзани со корупција, организиран криминал, трговија со луѓе и многу други негативни нешта, но членството во ЕУ во значајна мера ги исполни надежите на нивното население за подобра економска и социјална иднина. Иселувањето кон богатиот Запад не мора постојано да се носи како печат на судбината.
На процесите на иселување на населението влијаат повеќе фактори. Во Македонија, според повеќе направени истражувања, бесперспективноста, политичката неизвесност и длабоката партизираност се главните фактори кои ги демотивираат младите да ја планираат иднината во сопствената земја.
Но иселувањето на мигранти од Источна Европа, во потрага по подобар животен стандард, најчесто се одвива според принципот „дај што ќе дадеш“, при што условите за вработување остануваат во втор план. Основен двигател е висината на платите, кои на Западот се пет или десет пати повисоки од ниската заработувачка дома. Тоа се вклопува во сликата на она што се нарекува модерен „европски прекаријат“, Европејци кои немаат сигурни вработувања и се потиснати на маргините на системите на социјална и општествена заштита. Тие всушност и немаат повеќе што да изгубат, повеќе од она што веќе го изгубиле, чекајќи со години нешто позитивно да се случи за нив и за нивната иднина, чекајќи „нивната“ партија да направи нешто добро за нив во долготрајниот процес на транзиција.
Но веројатно би било наивно да се верува дека во услови на површни и неефикасни реформи, кои со децении се поттураат под тепих, членството во ЕУ ќе биде решение за запирање на печалбарскиот параход.
Од која било Македонија, историски гледано, па и од оваа денешнава, Северна, деца се зарануваат за да се иселат од дома, сите оние кои можат да го направат тоа, во поново време со отворена можност пред нив да се упатат кон Европа. Па макар тоа да е и некаков судбински печат.