ВРЕДИ И ЗНАМ „СЕ СУДРИЈА“ ДАЛИ ИМА РАБОТНА ГРУПА ЗА ЗАКОН ЗА БАЛАНСЕР Снопче тврди дека има и дека министерот Минчев е член, ЗНАМ демантира

ЗНАМ ја демантира изјавата на пратеникот на Вреди, Халил Снопче дека министерот Горан Минчев е дел од работна група за изработка на закон за правична застапеност на етничките заедници и го прашува дали тој е член на работна група за закон за бранителите.

549

Движењето ЗНАМ ја демантира изјавата на пратеникот на Вреди, Халил Снопче дека има свои претставници во работна група за изработка на законско решение за правична застапеност на етничките заедници. ЗНАМ нема информација дека таква работна група е формирана.

„Во исто време би сакале да го запрашаме господинот Снопче дали е точно дека тој е дел од работната група во Собранието која го подготвува новиот закон за правата на бранителите од конфликтот во 2001 година. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како одговорен политички субјект, смета дека изречениот збор, особено од носители на функции и претставници на народот, имаат посебна тежина и секогаш треба да се одраз на реалноста и вистината“, соопшти ЗНАМ.






Ставот на ЗНАМ, се додава во соопштението, е дека правичната застапеност на етничките заедници е уставна категорија и затоа треба да се најде соодветно законско решение кое ќе биде предмет на широка јавна расправа во која ќе учествуваат експертската и научна јавност и заинтересираните страни, а кое на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев, кој е од редовите на ЗНАМ денеска рече дека сѐ уште не е формирана работна група за изработка на закон за правична застапеност и дека не треба да се брза.

Пратеникот Халил Снопче денеска рече дека во работната група има претставници од сите партнери во Владата.

– Сакам да го демантирам министерот ако рекол такво нешто, не сум го слушнал, таква работна група постои и се состои од претставници на коалицијата Вреди, ВМРО-ДПМНЕ и на ЗНАМ. Претставник на ЗНАМ е самиот министер, господинот Минчев и досега таа работна група веќе има одржано две средби – рече пратеникот Снопче.

Во врска со тоа зошто досега предлогот на коалицијата Вреди не е поставен на јавна дебата, како што се најавуваше, Снопче рече дека не треба да се оди „еднонасочно“.

– Уставната гаранција за правична и еднаква застапеност треба да се реши со закон. Значи формирана е работна група, за да има предлог којшто ќе биде сеопфатен и сеприфатлив, да не одиме еднонасочно“ – рече Снопче.

Поврзани содржини