Историски „разговор“ на глуви

И зарем никој не гледа дека со оваа и ваква „комисија“, полека но сигурно помирливо ги исполнуваме најбезобразните уцени од протоколите?

1,358

Кога ние, сега, јавно и овде, би започнале разговор за тоа што е историјата, би завлегле токму во водите на „разговор на глуви“ кошто би нѐ потопиле, удавиле, за миг. Иако, де факто, ние нон-стоп се давиме во тие и такви неуки и некомпетентни води. Или – нѐ дават. Зашто, не се само оние неодамнешни квазиетнички и псеудоисториски реминисценции и политикантски конструкции на собранискиот спикер опасните вирови за целата држава. Ние три децении се давиме – или нѐ дават – во нив, за да од 2017-та година наваму самите, уште подлабоко, навлеземе во убиствените брзаци на источниот тек на „историјата“.

Затоа веќе и не знаеме до каде стасува историјата, каде почнува историцизмот или историзмот, или сето ова што кај нас се случува – особено деновиве со онаа т.н. Историска комисија (поточно со нејзиниот „претседател“) – повеќе наликува на страотно историско политикантство или – историкантство (ако македонскиот јазик дозволува таква „кованица“)! Зашто, кога ги слушате и/или читате „размислите“ на Драги Ѓорѓиев за работата на фамозната Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, многу нешта ви стануват појасни. Или – веќе ништо не ви е јасно!






Бидејќи, прво, нејасно е воопшто како, и зошто, историчари – ако се навистина тоа – прифаќаат „да разговараат“ на научно рамниште (sic!) за прашања што ги потегнува најцрниот национализам, шовинизам, фашизам… на источниот сосед, обвиткан во политикантство од најлош вид? И тоа под закрилата на ЕУ! Или, поинаку поставено: како можат научници да разговараат меѓусебе кога едните за другите велат дека – не постојат, немаат јазик, култура, историја…?

Се разбира, државата може, и мора, заради добросостојбата на нејзините граѓани, да разговара и за такви прашања. Но тоа можат, и мораат, да го прават политичари, а не историчари. Но, како и во сите други нешта кај нас, историчарите сакаат да бидат и политичари, а политичарите сакаат да бидат и историчари.

Па така, на пример, спомнатиот Ѓорѓиев како претседател на македонскиот дел на т.н. Историска комисија, вели: „Комисијата е тело формирано од владата и таа има право да одлучува за нејзиниот состав. Но, начинот на кој е најавен тој чин, за жал, претставува чин на брутално мешање на политиката во работата на Комисијата“.

Некој овде се прави наивен или е навистина таков? Поточно, дали кога претходната влада ја формирала таа Комисија, тоа било политички или научен чин? И зошто нејзиното менување би било политички а не – научен чин? И зошто токму тој чин би праќал „јасна порака дека работата на Комисијата веќе не е во доменот на науката, туку во доменот на политиката и на чисто партиските интереси“, а тоа не било случај со претходниот чин на формирање на Комисијата?

И кога историчар (или „историчар“), кој во текот на политичкиот ангажман во Комисијата станува и академик (или „академик“), ќе почне да се заплеткува во пајажините на политиката, науката, стручноста и/или нестручноста…, тогаш нештата добиваат карикатурални димензии. Слични на оние на собранискиот спикер Гаши и неговите толкувања на современите збиднувања насилно ставени во историски „контекст“. Или „коктел“. Но сепак, спикерот не е академик, нели?

Или, ако сакате, кога личност од таков општествен и претпоставен научен формат како Ѓорѓиев не умее да направи разлика помеѓу науката и политиката, тогаш што останува за – собранискиот спикер? Зашто, Ѓорѓиев не застанува таму. Тој убедено тврди дека Комисијата не се „занимава со решавање на идентитетски прашања“, туку „да се надминат одредени недоразбирања во учебниците по историја“. Извинете, дали некој овде, покрај наивен, е и – неук? Зашто, има ли поголема политика од таа како ќе изгледаат односно што ќе пишува во државните учебници по историја?

Или, ако баш сакате, дали некој овде заборава – или се прави дека заборавил – за што беше формирана таа Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија? И по кој „повод“ и каде е лоцирана? Но, ако треба сите да се правиме луди, ајде, во ред. Ако треба да ги заборавиме тврдењата дека македонскиот јазик е варијанта на бугарскиот, дека македонската нација е измислена од Коминтерната, дека сите македонски национални дејци се Бугари…, ако треба да ги заборавиме протоколите и што тие ни наложуваат… тогаш, повторно, во ред. Но, сепак, не можеме да заборавиме дека сето тоа, особено учебниците, се „работа“ на државата односно политиката. Ни се допаѓало тоа или не. Исто како што може да не ни се допаѓа глупоста на корицата на учебник по историја на албански да ставиш слика на Кирил и Методиј, но тоа е делокруг на работата на државата! Јавноста, па и науката, може (и треба) да реагира, но колку што гледаме тоа не се случува. Дури ни од страна на Ѓорѓиев или некој друг од фамозната Комисија!

Или, можеме некои нешта да поставиме и поинаку: зошто политичкиот „парфем“ на таа Комисија ни се допаѓаше кога истата беше формирана од „прогресивната“ коалиција сдсм-дуи (малите букви се… знаете што), ама сега не ни се допаѓа ако некоја друга коалиција додаде свој „парфем“? Или онаа коалиција беше попаметна, постручна, попрогресивна, поубава… од оваа другава (којашто уште и не ја знаеме!)? Или беше поевропска? Па ве молам, таа „политика“, а со неа и оваа Комисија, ги прифатија и оние безобразни протоколи според коишто сега работат!

И сега, во овој дел, кога ќе го додадете ставот на Ѓорѓиев дека со таквата работа на Комисијата „би се влијаело врз подобрување на меѓусебните односи и би се зголемила довербата меѓу двата народа“, зарем тоа не е чиста политичка изјава? Или тој политикант навистина и понатаму сака себеси да се претставува како „историчар“?

Но, за да не останам должен, мора да се појасни уште една (наводно) проблематична односно проблематизирана страна на работата не само на оваа комисија туку на сите слични. А тоа е страната на „заштитата на националните интереси“ којашто ја потенцирал актуелниот премиер, визави ставот на (дали веќе?) бившиот нејзин претседател според кој тоа се коси со стручниот односно научниот аспект на работата на комисијата.

Иако тука, по ова прашање, се враќаме на самиот почеток: струката односно науката може но и не мора да прифати да работи во интересот на „заштитата на националните интереси“. И тоа „држи вода“ ако за тоа постојат соодветни аргументи. Поточно, ако тоа е спротивно на претпоставената научна вистина или досега утврдените научни факти, или ако од една таква комисија се бара да делува неморално, нехумано, спротивно на некои цивилизациски норми итн.  Меѓутоа, ние, досега, од дотичниот „претседател“, ниту пак од некој од членовите, не слушнавме такви обвинувања. Но, едновремено, никако не смееме да заборавиме  дека комисијата е сепак формирана од врховната извршна власт во земјата, што пак ѝ дава и „благ“ политички сјај, а формирана е заради сите оние и онакви проблеми со источниот сосед.

И сега, во таков  контекст, некој сака да говори за неутралност, неполитичност, независност…? Се разбира, дозволувам јас да сум недоволно професионален, учен, неутрален… во и за такви прашања, но дали навистина прашањата на идентитетот, јазикот, нацијата, културата… се прашања што треба да се расправаат со некој од страна, особено со некој од – источната страна на границата? Некој кој безмалку до вчера молчел и не смеел – буквално! – да пушти глас на таа тема, а сега, осилен од калкулантските еврокомесари и геостратегиските дијагонали, смета дека може да ги реализира своите вековни „влажни соништа“?

Речиси е фрапантно, и вон каков и да е нормален културен и цивилизациски контекст, помеѓу две соседни држави да се разговара за тие и такви прашања. А уште помалку да се разговара со некакви политикантски „научници“ за тие прашања. Таква „наука“ која оди рака под рака со една политика но плука по другата никогаш не е сериозна наука. За жал, се разбира. А ние, односно оние „прогресивци“, оставија во наследство цела банда такви типови кои не умеат дури ни да си го кажат името со правилен акцент, не пак да говорат за сериозни политички, историски, научни… прашања.

За жал, во таа комисија седат и неколкумина темелни поединци, луѓе за почит и, претпоставувам, со верба во сопствените проценки и знаења. Но дали забораваат за што односно во чија полза работеле/работат? И со кого? Зашто, кога нивниот претседател вели дека „неодговорно се дехуманизираат (подвлеченото мое) припадници на академската средина“, зарем тоа малку им говори?

Се разбира, секогаш и секаде нештата, особено политичките, се прашање на проценка и избор, некогаш добар но некогаш и лош. Целата таа историска скаламерија – или разговор на глуви – со онаква Заедничка мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања со Бугарија, и со онаков претседател, е историска и политикантска фарса за себе. Но без оглед што Брисел инсистира на неа, зарем никој не помислува дека таа треба да – прекине?

Особено имајќи предвид што и како „сработила“ за цели пет години? Или, ако тоа не е опција, барем да се размисли како да се продолжи! Поточно, ако историјата таму не е приоритет, тогаш нејзината работа мора да се сведе на културни и цивилизациски прашања поврзани со историјата. Зашто, недвојбено, иако тоа никој не го спомнува, историјата е сепак работа на културата и цивилизацијата, нели?!

П.С.

И зарем никој не гледа дека со оваа и ваква „комисија“, полека но сигурно помирливо ги исполнуваме најбезобразните уцени од протоколите?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини