Се тресеше гората…

Алијансата сега додава нова мирудија во манџата што самата ја зготви, обидувајќи се „спорот“ официјално да го држи вон агендата на свеченоста. Зошто? Затоа што се свесни, прво, за неговата веќе блуткава безумност, и второ, не се сигурни во потенцијалните одговори што би можеле јавно да ги добијат, а со коишто „проблемот“ би отишол во непосакувани насоки. И би им ја расипал „свеченоста“.

2,224

Се тресеше гората и во пресрет и на самото одбележувањето на 75 години од безбедносната алијанса во Вашингтон, ама повторно, по којзнае кој пат, домашниве навивачи пак добија шамар. Всушност, тој шамар им го влепи уште пред конференцијата некојси Олтон Бјуланд во улога на главен директор за Европа и НАТО во Пентагон, велејќи: „секогаш ги охрабруваме нашите сојузници и партнери да се придржуваат до договорите и да ги остават билатералните спорови и несогласувања надвор од НАТО Алијансата, за да се осигура дека има соработка и регионална стабилност во вашиот регион“.

Или, поинаку кажано за да разберат и слепциве во нивната Северна, токму Алијансата сега додава нова мирудија во манџата што самата ја зготви, обидувајќи се „спорот“ официјално да го држи вон агендата на свеченоста. Зошто? Затоа што се свесни, прво, за неговата веќе блуткава безумност, и второ, не се сигурни во потенцијалните одговори што би можеле јавно да ги добијат, а со коишто „проблемот“ би отишол во непосакувани насоки. И би им ја расипал „свеченоста“.






И тоа им ги одвеа предвремените ликувања и јавно изразените желби на нашиве „мудреци“ кои со години во едното уво имаат слушалка на којашто примаат вести директно од Брисел, а на другото од Вашингтон, ама не ги дослушуваат или не ги разбираат, па тераат своја мантра. А така својски се спремаа и се ситеа уште од оној 8 мај дека токму на тоа одбележување на 75 години од безбедносната алијанса високите НАТО „главучи“ ќе им ги влечат ушите на премиерот и македонската делегација. И однапред уживаа во таа слика. Затоа и ракоплескаа на идејата дека кога Мицковски ќе отиде на самитот на НАТО во Вашингтон и за првпат ќе се сретне во официјално својство на премиер со главните актери на светската политика, прво ќе се препоти, па ќе почнат да му се тресат рацете, а на крај ќе мора да клекне и да признае дека ја разбира ситуацијата во која се наоѓа и тој, Владата и државата! Бре, бре, толку ли се страшни тие натовци? Или само нашиве глувци се толку страшливи па се плашат и од сопствената сенка?

И после сè, после сите навивања и заплашувања на домашната јавност, на што се сведе посакуваното од нив понижување на државата на самитот? Се сведе на „Мицковски се сликаше на НАТО подиумот како претседател на Владата на Северна Македонија“! И сега глувциве тоа го слават како компензација за пропаднатиот план за виткање раце, удирање чврги и слични детински предвидувања.

Се разбира, од друга страна односно од страната на логиката и моралноста, изјавата на спомнатиот Бјуланд е само еден „мудар“ bullshit – простете на безобразлукот – зашто токму креаторот на „спорот“ сега се обидува да си ги измие рацете и да го држи настрана. Бидејќи и во таа и таква Алијанса, или барем во свеста на неколкумина од главешините, сосема е јасно каква будалаштина направиле, нешто за што ќе бидат обележани како неморални насилници во историјата на современата цивилизација. Но, не им е ни прва, а нема да им биде ниту последна!

Сепак, остануваат неколку нејасни нешта во врска со нашево локално преурането „славје“ и пропаднатите очекувања од случувањата во Вашингтон. Меѓу нив особено што „случајот Македонија“ беше целосно вон фокусот на самитот. Тоа се виде и на воведната прес-конференција на амбасадорот Мајк Карпентер (специјален советник на Бајден) со новинари од целиот свет. Што ќе рече дека дел од овдешната клиентела на бившата власт настојчиво сее смутови и повикува на славје секогаш кога е на повидок понижување на државата. Не нивната, онаа на „другите“! Или се тоа само некои лични анимозитети проектирани на општ план а така беневолентно пренесувани од нивни пајташи на јавната сцена?

Истото се случува и во однос на новата претседателка, кај која по правило се бараат „гафови“ во секое однесување и/или обраќање, па дури и кога таа средствата за нејзино одење на отворањето на Олимпијадата во Париз сака да ги пренасочи на млади математичари! Или се предат коекакви јасновидни приказни – ама на француски! – за некакви „огради“ со коишто новата власт, онаа иста што ја поддржа во кандидатурата, после само месец-два сака да ја дистанцира! Или пак, како што сака да се прави умен еден политикант кој вечно се вози во приколката на СДСМ, дека нашиот однос кон НАТО не можел да се сведе на играта „добар полицаец, лош полицаец“ итн.!

Мислам, извинете, но колку треба да си понизен, па и глуп, за низ слушалките да примаш секакви пораки/наредби и да смислуваш онакви конструкции? Или проблемот е што локалниве „мудреци“ свикнале сите да се однесуваат како оние претходнине „прогресивци“, како простирка за бришење чевли, па секое отстапување од тој имиџ им е нејасно и неприфатливо!?

Како што им е апсолутно неприфатливо и некој да се осмели да го употребува оној фамозен член 7 од „Преспанскиот договор“ на нормален а не на нивен начин. За нив договорот е „оче наш“ и којзнае колку пати дневно го повторуваат она „Северна“, само за да не го заборават. И такви „стручњаци“ имаме едно чудо, секој со своето будалесто толкување за некакво „ерга омнес“, па за налудничава „(зло)употреба на сопственото уставно име“ и крајно сомнителни „толкувања“ за некаков монопол или превласт врз името Република Македонија (цинично идентификувано само со бившата ЈУ држава) итн.

И, се разбира, сето тоа да се спакува во некаков профитабилен заклучок дека, ете, новата власт се оддалечува од евроинтегративниот процес (небаре оние претходните трчаа по него!), дури и забрануваат таа да се нарекува „проевропска“.

Притоа, повторно и по којзнае кој пат, упорно „забораваат“ токму на странските – односно баш американските! – појаснувања, какво што беше она од прес-службата на Стејт департментот за употребата на двете имиња за државата од страна на премиерот. Тие тогаш појаснија дека „Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во согласност со Договорот од Преспа“. Ама нашиве „уставобранители“ не прифаќаат такво мешање во внатрешните работи на државата односно она коешто не се совпаѓа со нивното „мислење“. И гледаат веднаш да го елиминираат. Со игнорирање, се рабира.

Но сепак, некој, некогаш, ќе мора да го објасни таквото однесување на дел од македонската интелектуална јавност, таквото слепило и извитоперената „страст“ за навивачко-лукративни подметнувања од секаков вид нив. Не мислам дека тие немаат право на свое мислење, па и на такво дека Земјата е плоча, но континуирано да се обзнануваат во јавноста лажни толкувања, да се игра на ситен блеф дека јавноста е веќе изморена од секакви измислици, дека народот може да се прелаже за сè па дури и за името … е навистина перверзија од посебен тип.

П. С.

И како шлаг на перверзната торта доаѓа она циркузантско уверување од „професорот“ – оној кому почитуваниот Хајредини му дели жешки шамари – дека половина од Американците ја поддржуваат неговата теза „дека е добро Америка да се меша во внатрешните работи на Македонија“! И тоа му го дошепнал никој друг туку негов „пријател од детство“ кој сега живее во Северна Каролина. И едно такво страотно лажливо подметнување циркулира во македонскиот етер како сериозна информација! Е па тогаш, за што говориме ние, за каква држава, за каква јавност, за каква интелигенција, за каков морал и етика …?!

Поврзани содржини