ЗНАМ ГИ ОТВОРА ВРАТИТЕ ЗА СИТЕ ЧЛЕНОВИ НА СДСМ Партијата ќе биде коректив во владината коалиција, вели Мемов

Портпаролот на Движење ЗНАМ, Никола Мемов, рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов Претседател на своите внатрепартиски избори поради тоа што директорот на Фондацијата Заев и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев.

615

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги отвора вратите за сите членови на СДСМ, соопшти денеска на прес-конференција портпаролот Никола Мемов кој нагласи дека за македонската јавност е од исклучителна важност кој ќе раководи со владата, но и да има силен коректор на нејзините политики, односно силна опозиција.

Мемов рече дека членовите на СДСМ избрале старо-нов претседател на своите внатрепартиски избори поради тоа што „директорот на Фондацијата Заев и негов близок бизнис партнер е продолжена рака на кланот Заеви и всушност претседател на СДСМ е повторно Зоран Заев“.






– Од вкупно 80.000 членови на СДСМ за гласање се регистрирале околу 23.000, а на гласање излегле околу 12.000 членови. Со 9.000 гласови за претседател е избран Венко Филипче. Само за потсетување, претходниот устоличен претседател, Ковачевски, беше избран со околу 40.000 гласови. Самата постапка на регистрација, каде системот за евиденција ненадејно крахира на неколку часа и одѕивот на внатрепартиските избори на СДСМ говорат за тоа во каква состојба се наоѓа СДСМ. Тоа е состојба на очај, раздор, подметнување, хипокризија, лицемерие и безидејност – рече портпаролот на ЗНАМ.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија му го честита изборот на Филипче, иако исходот на внатрепартиските избори во СДСМ го оценува како недемократски и нелегитимен.

Според Мемов, во СДСМ членуваат многу чесни и способни луѓе, кои ја сакаат Македонија, но, СДСМ е партија која повеќе не припаѓа на членството и максимата „Или си СДСМ или не си“ веќе нема никакво значење.

– Во последните 11 години, раководството на СДСМ се откажа од АСНОМ-те принципи и Крушевските постулати како темели на македонската држава и на македонскиот народ. Поради неспособното и криминално владеење на раководството, СДСМ го доживеа најголемиот пораз од своето постоење, а денеска сме сведоци дека продолжува со истиот пристап и истите луѓе кои ги водат кон нов изборен дебакл на следните локални избори. На Македонија ѝ е потребна здрава, способна и чесна опозиција која ќе биде коректор на власта – додаде портпаролот на ЗНАМ.

Мемов рече дека вратите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија се отворени за сите чесни луѓе кои ја сакаат Македонија и сакаат да дадат свој придонес за успешен развој на државата.

– Отворена е поканата за прием на сите чесни членови на СДСМ. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија со своето учество во владата ќе биде гарантот дека никогаш повеќе работите нема да бидат исти во Македонија – рече тој.

Запрашан дали и понатаму ЗНАМ ќе реагира на употребата на знамињата и дали координацијата кај Меџити ќе биде причина за напуштање на владата, Мемов одговори дека одговорот се состои во три точки:

– Во преговорите со владиниот партнер ВМРО-ДПМНЕ прифатена е политичката платформа, стратешките определби, политички начела како и конкретните програмски определби на Движењето ЗНАМ за наша Македонија кои ќе бидат составен дел од владината програма. Прифатени и усогласени се принципите и начинот на функционирање на идната Влада врз рамноправни, автономни и партнерски односи, со взаемна одговорност во делот на имплементацијата на владината програма. ЗНАМ ќе биде гарантот дека никогаш повеќе нема да може некој да го уценува со непристојни предлози партнерот во владата, а коишто ќе одат на штета на македонските национални и државни интереси – рече Мемов.

Тој нагласи дека ЗНАМ ќе биде коректив во владата и како во случајот со заклетвата на претседателот на Собранието, ќе реагира и во сите други случаи кога ќе има нарушување на одредбите на законот за употреба на јазиците и на знамињата на етничките заедници.

– Секој има право на координација во рамките на органите на владата и Собранието и координативните состаноци не се ништо ново, ниту измислена работа. Кога се работи за официјални седници, јасен е законот за употреба на јазици и знаме. Она што ние сакаме да го потенциранме е начинот на кој што се прави тоа. Ова се процеси на коишто Движењето ЗНАМ ќе укажува во рамките на владината коалиција и тие процеси се можеби малку бавни, меѓутоа работните навики ќе се менуваат. За тоа е ЗНАМ во владата. Ќе бидеме коректив кадешто работите нема да бидат исти – рече тој.

Прашан дали ЗНАМ ќе ја напушти владата доколку се повтори координацијата, Мемов одговори дека тоа се процеси и ќе бидат иницирани во рамките на владината коалиција.

Поврзани содржини