„СОВЕТНИЦИТЕ НЕКА ГО ВОДАТ ЦЕЛИОТ ПРОЦЕС, САМО НЕКА ИМА АВТОБУСИ“ Арсовска не може да најде заеднички јазик со мнозинството во Советот
Градоначалничката на Град Скопје за седницата на Совет на 19.06.2024 по 20. пат достави предлог одлука за нови еко автобуси до советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои повеќе од две години не гласаат за нови автобуси иако имаат мнозинство во Советот на Град Скопје, соопштија од Град Скопје.
„Бидејќи согласно закон градоначалник не може да донесе одлука за набавка на нови автобуси, единствена одговорност по повеќе од две години за недостатокот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови еко автобуси и подобар превоз.
Со цел советниците од ВМРО-ДПМНЕ да немаат оправдание за неносење на одлуката за нови еколошки автобуси, градоначалничката на Скопје Данела Арсовска јавно континуирано им предлага да го контролираат целосно процесот, односно банката која ќе го финансира проектот, како и условите за набавка на еко автобуси да ги изберат самите советници во рамки на Советот, бидејќи оваа одлука единствено тие можат да ја донесат.
Како очигледна демонстрација на сила и самоволие, спротивно на деловникот и статутот Претседателот на Советот Трајко Славески ниту на Советот закажан за 19.06.2024 година не ја стави точката за нови автобуси на дневен ред за гласање, иако поради недостиг на автобуси скопјани чекаат на автобуските станици, а новите автобуси ВМРО-ДПМНЕ ги има ветено пред граѓаните на локалните избори во 2021“, се наведува во соопштението од Градот.
Оттаму потсетуваат дека во претходниот мандат 2017-2021 година советниците на ВМРО-ДПМНЕ гласале за набавка на еко автобуси на предлог на СДСМ, во истата форма како и сега и без никакви забелешки, бидејќи тогаш сметале дека треба да поддржат нови автобуси во интерес на граѓаните.
Од Градот потсетуваат и дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски лично ги ветувал новите автобуси за скопјани, за кои дури најавил и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје која континуирано изјавува дека и лично ја поддржува.
Досега според програмата требаше да се набавуваат секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги кои граѓаните ги заслужуваат и да се испорачаат до крај на мандатот 250 автобуси, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не ја гласаат одлуката, додаваат од Град Скопје.