ПРВИТЕ 100 ОД 150 АВТОБУСИ ОДАТ ЗА СКОПЈЕ Градот веќе ја подготвува мрежата на 3 точки
Скопје ќе има приоритет при испораката на новите автобуси и прво треба да ја добие квотата од 100 возила. Паралелно се подготвува инфраструктурата на три точки во градот за пристигнувањето на првата тура.
Постапката за набавка на 150 нови автобуси е завршена, договорот е потпишан, а Скопје ќе има приоритет при испораката на првите 100 возила, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Паралелно се подготвува и инфраструктурата на три точки во градот за пречек на првата тура автобуси.
– Скопје од тие 150 автобуси го има приоритетот, односно додека не се исполни квотата од 100 автобуси за градот, нема да се доставуваат автобуси за другите општини. Тоа го кажа и министерот, господинот Николоски, тоа го кажа и претседателот на Владата, така да еве уште еднаш да го повторам – рече Ѓорѓиевски.
Тој информира дека Град Скопје, ЈСП и ЕВН веќе работат на подготовка на мрежата за новите автобуси. На дел од локациите старата електрична мрежа нема доволен капацитет, па ќе се обновува, а на други ќе треба да се постават трафостаници.
– Мој близок соработник е одговорен како претставник од Град Скопје, а задолжен е и директорот на ЈСП. Во постојана комуникација сме со ЕВН и веќе се излезени сите тимови и екипи на терен да работат за кога ќе стигне првата тура на автобусите, ние да бидеме спремни со инфраструктура. Некаде станува збор за стара мрежа којашто не може капацитетот да го издржи и затоа влегуваме со обновување на мрежата, некаде ќе треба да се постават трафостаници за функционалност. На три точки работиме: едната е Нова железничка станица, едната е Автокоманда и едната е Ѓорче Петров, така да ќе влеземе подготвени во процесот – потенцираше Ѓорѓиевски.
За булеварот Цветан Димов во Чаир, Ѓорѓиевски рече дека се подготвуваат основниот проект и проектната документација.
– Го спремаат основниот проект. Знаете дека од почетокот и така најавивме, обврските на Општина Чаир се да ја спреми целата проектна документација, а обврската на Градот Скопје ќе биде да ги обезбеди средствата и да влезе во реализација. Експропријацијата исто така таму ќе ја вршиме ние како Град Скопје. Од она што последно го сумиравме на состанокот е дека до крајот на годинава, како што и споменав, јас верувам дека ќе биде распишана тендерската постапка – рече Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека проектот за булеварот се најавува повеќе од 30 години, но досега не стигнал ниту до проектна документација.
Паралелно, Секторот за сообраќај на Град Скопје со СВР Скопје подготвува проект и за сигнализацијата на пешачкиот премин кај Бит-пазар, по што треба да следува реализација на терен.