ЃОРЧЕ ПЕТРОВ ГИ ОСЛОБОДУВА МЛАДИТЕ СЕМЕЈСТВА ОД КОМУНАЛИИ ЗА ПРВ ДОМ Одлуката важи за куќи до 120 квадратни метри

Советот на Општина Ѓорче Петров донесе одлука за целосно ослободување од општинскиот дел од комуналиите за изградба на прва семејна куќа. Мерката е наменета за млади брачни парови и самохрани родители што ги исполнуваат предвидените услови.

3

Младите брачни двојки и самохраните родители во Ѓорче Петров ќе можат да бидат целосно ослободени од општинскиот дел од комуналиите при изградба на прв семеен дом. Одлуката ја донел Советот на Општина Ѓорче Петров, соопшти градоначалникот Александар Стојкоски во објава на Фејсбук.

Ослободувањето изнесува 100% од општинскиот дел од надоместокот за уредување на градежното земјиште.






Мерката се однесува на брачни парови кај кои најмалку едниот сопружник има до 40 години, како и на самохрани родители на возраст до 40 години.

„Знам колку труд, откажувања и заштеди стојат зад желбата да се изгради сопствен дом. Затоа советот на општина Ѓорче Петров донесе одлука со која ќе им помогнеме на младите семејства полесно да го направат овој важен животен чекор“, наведува градоначалникот.

За користење на ослободувањето, куќата треба да биде наменета за сопствено домување, да има една станбена единица и вкупна бруто-површина до 120 квадратни метри.

Дополнителен услов е ниту еден од сопружниците, односно самохраниот родител, да нема друга станбена недвижност во сопственост или сосопственост.

Одлуката ќе се применува на целата територија на општината, вклучувајќи ги урбаните и руралните населени места.

„Како градоначалник, сакам младите тука да ја гледаат својата иднина, да создаваат семејства и да градат сопствен дом“, наведе Стојкоски во објавата.

Поврзани содржини