КАКО ОВОЈ ЧОВЕК МОЖЕ ДА БИДЕ УСТАВЕН СУДИЈА? Кумот на синот на Трифун не ја разбира правната азбука, рече Камбовски пред 5 години
Костадиновски е уставен судија веќе 5 години. Беше предложен од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а го изгласа тогашното парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
По одлуката на Уставниот суд во 2019 година времено да го укине мораториумот за градба во Општина Центар, академик Владо Камбовски го посочи уставниот судија Дарко Костадиновски, кој денеска беше избран за претседател на Уставниот суд, дека не ја разбира азбуката на правото и на Уставот и дека се чуди како тој воопшто може да биде судија на Уставниот суд.
Коментарот на Камбовски беше во контекст на изјавата на Костадиновски на седница на Уставниот суд:
– Ќе платиме голема цена ако толерираме излегување од рамките на Уставот и законот. Не може оправдание да биде хуманото живеење и поквалитетен живот. Ако си донесат ваква мерка сите општини, тогаш на што ќе личи оваа држава? Просто е, Советот на Општина Центар ги пречекорил ингеренциите – изјави тогаш уставниот судија Дарко Костадиновски
Академикот и професор по кривично право Камбовски, пак, рече дека Уставниот суд постапил спротивно на уставното начело за заштита на човековите слободи и права и на владеењето на правото, а за изјавата на судијата Костадиновски вели дека во таа смисла е многу скандалозна.
– Тој судија не ја разбрал азбуката на правото и на Уставот и според мене, прашање е како може да биде судија во Уставниот суд“, изјави Камбовски во 2019 година.
Инаку, новоизбраниот претседател на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, е кум и добар пријател со Коста Костовски, син на бизнисменот и поранешен градоначалник на Скопје, Трифун Костовски.
Костадиновски е уставен судија веќе 5 години. Беше предложен од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, а го изгласа тогашното парламентарно мнозинство предводено од ВМРО-ДПМНЕ.
Дарко Костадиновски е доктор на правни науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, од областа на меѓународното право. Костадиновски за уставен судија дојде од местото државен советник за надворешна политика во Кабинетот на тогашниот претседател Иванов.
Беше член на Кабинетот на претседателот од 2001 година во времето на претседателот Борис Трајковски. Од 2006 година продолжува неговиот ангажман, раководејќи со одделението за Европската Унија и НАТО во кабинетот на претседателот Бранко Црвенковски.
Тој во 1998 година работел на проект на УСАИД за подготовка на закони во Собранието на Република Македонија и бил набљудувач во рамките на проектот на Советот за радиодифузија за мониторинг и анализа на електронските медиуми.
Во 2015 година, Костадиновски бил назначен на функцијата пратеник на Република Македонија во Алијансата на цивилизациите на Обединетите нации.