Катастрофалното изборно харикири на „легендарниот“ сдсм (малите букви се… знаете веќе што) на овие избори, сега сведен на селска мешетарска група, како да ги дозасили напорите на локалните читачи на мисли, гледачи на дланка и во кристална топка да ни ја исцртуваат не само сегашната наша реалност туку и да ни ја опишат блиската иднина. Во ова особено им погодува веќе отворениот фронт викан „Спогодба од Преспа“ како претекст за нивните гатачки мудрувања.
Поточно, бидејќи партиските перјаници се во шок и разбегани како глувци од бродот што тоне, сега сдсм-овската „интелектуална“ клиентела добива нова улога на бранител на „северната“ држава. И нивниот инстант плач по неа – тук-таму со терцирање од некој од клиентите на дуи – мотивиран единствено од „вербалниот деликт“ на новата претседателка и сѐ што се случува околу него, станува веќе здодевен.
Иако, на пример, нивната кристална топка не им посочува на заклетвата на албански јазик на новиот претседател на Собранието како прекршување на Уставот?
И упорно (ќе) нѐ вртат во тој маѓепсан круг предвидувајќи ги потезите на јужниот сосед, на меѓународната заедница, на локалнава политичка сцена итн. Особено оној дел од клиентелата којшто ужива да се претставува како новинарски односно медиумски инфлуенсер, нивните кафеански муабети со еднакво „запалените“ колеги (ќе) ни ги пренесуваат како претскажувања од кристалната им топка, од пророштвата на Нострадамус или пелтечењата на баба Ванѓа. На која не ѝ се ни до колена!
Другиот дел од „интелектуалнава“ клиентела (ќе) се занимава со своите „мудри“ укажувања за „реалитетот“ на геополитиката и реалполитиката, за непостоењето на меѓународното право, за „правото“ на китовите и слоновите да ги гмечат сардините во конзерви… и слични будалаштини завиткани во квазинаучна обланда на цитати од познати имиња. Па дури, ќе нѐ заплашува и со некаков отворен конфликт со светот! Или, заради континуитет, (ќе) нѐ тормозат со неопходноста од постоењето на сдсм за македонската „демократија“ – небаре тие навистина имаа(т) некаква врска со тој поим! – и нивната обнова со изборот на нов „лидер“.
А сите потези на новата (неконституирана) власт, на којашто не ѝ даваат ни еден ден поштеда, им доаѓаат како капак: ги споулавуваат. Стануваат хистерично агресивни, како онаа кутрана Мис Доминиканска Република на црвениот тепих во Кан. Само што нашиве се многу погрди. А се очекува набргу да почнат и да шетаат низ градов обвиени со државното знаме, нешто како оној Вучиќ во ОН.
И оваа не така мала таа групација клиенти – еден од нив отворено призна дека ги има барем 70.000! – нескриено му дава извонреден ветар во грбот на г-динот Мицотакис, каков што тој нема ни во сопствената земја. И каков што не очекувал ни на сон барем не од оваа страна на границата. Нашиве „уставобранители“ можат комотно да се регистрираат како некакво вонгранично крило на некоја од грчките партии и да агитираат во нивно име во срцето на „Северна“!
Но, настојчивото наметнување на овој актуелен македонски „реализам“ генерално – очигледно е веќе – има две тенденции. Едната, токму спротивно на чуденката на една „новинарка“ со национална лиценца за некаков „емоционален коктел којшто треба да создаде чадор во кој одново ќе се враќаме на за некои веќе завршените теми“, е тој „чадор“ да се искористи за дополнително замаглување на фокусот на светот вон и во нас. Тоа се два целосно различни света, или реалности, што се движат паралелно, речиси никогаш не допирајќи се.
Во светот вон нас луѓето говорат за катастрофалниот завршеток на Резолуцијата за Сребреница во ОН, за ординарна бламажа на поддржувачите, меѓу нив и за таквите коспонзори како нас. Но кај нас се – молчи. Светот говори и за историската одлука на Обединетите нации за признавање на Палестинската држава, а уште повеќе за историската пресуда на Меѓународниот криминален суд со којашто, меѓу другото, и еден премиер-насилник се прогласува за воен злосторник!
Светот гледа и што прават односно што бараат студентите во Љубљана, но нашиве јасновидци и за тоа молчат. Нашиот „свет“, овој во нас, не поставува прашања зошто ние се појавивме како коспонзори на Резолуцијата за Сребреница, зошто ние гласавме воздржано за Палестинската држава, зошто кај нас се молчи и за подготвувањето тајни НАТО контингенти за Украина под превезот на „експерти“ и „советници“ (што нема да нѐ одбегне ни нас)?
Ако дури и еден Гидеон Леви, Евреин и израелски граѓанин, за Палестина и за пресудата на Меѓународниот криминален суд вели „Конечно правда, некаков почеток, задоцнет или делумен, но сепак нешто“, како е можно македонската интелектуална јавност целосно да е вплеткана само во нивниот локален филм?
И зошто никој надлежен не одговори на молбата на Македонците во Србија оваа држава да се откаже од резолуцијата за Сребреница? Сака ли некој овде отворен конфликт (и) со северниот сосед? Уште тоа ли ни треба? И што ќе добиеме тогаш?
Сѐ што чиниме нѐ дефинира еднаш засекогаш. Исто како и она што не го чиниме. А ние, главно, не правиме ништо, или правиме – погрешно. Седиме дамлосани пред македонскиот затворен прозорец а дузина полуписмени „аналитичари“ и политиканти ни гатаат за сегашните случувања дома и за нашата „геополитичка“ иднина.
Додека светот врие нам сѐ ни се сервира како „веќе завршена тема“ чиешто повторно отворање би ни нанело ненадоместливи штети. Затоа и гатачите молчат за наследена од нивните газди сегашност, а пелтечат за некоја нејасна иднина, зашто оваа сегашност во сите сегменти – економија, здравство, култура, образование, судство… – е поразителна. И бидејќи пеколот – тоа се другите. Овие новиве!
„Другите“ се оваа запустена и загадена земја, „другите“ се уништеното културно наследство, секогаш други се онаа на Токсикологија и бандата на Онкологија (којашто веќе ја заборавивме, нели), оние двајцана криминалци и нивното апашко опкружување во судството, оној полупијан простак кој пуши среде Национална галерија и нема кој да го фати за уши и да го исфрли надвор…! Секогаш „другите“ се тие кои чинат зло!?
Тоа е нивната слика на таа проевропска Македонија на чекор до ЕУ проектирана низ нивната кристална топка за нас, тоа е „реалноста“ од којашто не смееме да исчекориме за да не ги налутиме „стратешките партнери“. И уште само Бугарите во Уставот да ги решиме! И за таа и таква ли држава оние клиенти ги леат крокодилскиве солзи?
И за оние молчаливцине кои си ги сместија задниците во новото Собрание и сега можат да отспијат уште нови четири години?! Говори ли нешто (и) за нив кристалната топка или се замаглува штом ќе им се појават ликовите?
Извор: Теодосиевски уметност