ДУИ ОБЈАВИ ДЕКЛАРАЦИЈА АМА БЕЗ ПОТПИСИ Меџити ги прозва да го објават документот, Ахмети усно кажа кој се потпишал
Европскиот фронт денеска ја објави заедничката политичка декларација за која тврди дека ја потпишале заедно со лидерите на албанската опозициска коалиција „Вреди“ на 13 јануари годинава. Според таа декларација, наводно партиите се согласиле дека ќе соработуваат само со политичките партии согласни за спроведување на уставните измени.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посочи дека покрај него потписници на декларацијата се Арбен Таравари, Африм Гаши, Билал Касами и Изет Меџити.
„Имајќи ја предвид состојбата во која се наоѓа државата и должноста што jа имаме кон граѓаните, чувствуваме обврска да изјавиме дека сме целосно решени, сега и во иднина да соработуваме и да владееме заедно само со оние политички партии кои се согласуваат да ги поддржат уставните измени како услов за продолжуванье на процесот на интеграција на земјата во ЕУ“, е наведено во документот што Ахмети го прочита пред присутните.
Без да прецизира, Ахмети вели декларацијата е потпишана по направени консултации, посочувајќи дека Европскиот фронт ќе биде столб за мирот и стабилноста на земјава, бидејќи како што рече, местото на Северна Македонија е во Европската Унија.
– На 13 јануари заедно со господинот Таравари го потпишав овој договор. Ние сме многу рационални и сме убедени дека повеќе од било кога треба стабилност, мир, добри односи меѓу заедниците, потребни се нула проблеми со соседите и целосно членство во Европската Унија. Емоциите да ги оставиме зад себе, сите да правиме напори да направиме цврсти структури на државата со овие капацитети. Европскиот фронт е подготвен да биде носител на процесите за нашата земја да се зачлени таму каде што ѝ е местото – рече Ахмети.
Во декларацијата меѓудругото се вели дека предложените уставни измени имаат создадено ситуација која бара внимателно разгледување, отворен дијалог и заедничка посветеност за изнаоѓање на трајно и сеопфатно решение.
„Во овој дух на единство и колективна одговорност jа претставуваме оваа заедничка политичка изјава, согледувајќи ја итноста и тежината на предизвиците со кои се соочува Северна Македонија“, се наведува во договорот.
Претседателот на Демократско движење и еден од лидерите на коалицијата Вреди, Изет Меџити денеска рече дека Вреди нема потпишано никаква платформа со ДУИ за барање на албанските политички партии од секоја нова влада да спроведе уставни измени како услов за коалицирање со партија од македонскиот блок.
– Тоа, Бујар Османи и Артан Груби ја лажат јавноста. Ако има такво писмо, нека го покажат во јавноста што е можно побргу – рече Меџити.