ПОРАНЕШЕН ГРАДОНАЧАЛНИК НА СКОПСКА ОПШТИНА ОБВИНЕТ ЗА ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА Кривична пријава доби и директорка на детска градинка во Скопје

Поранешниот градоначалник и директорката го оштетиле буџетот на општината за износ од 1.534.000,00 денари.

5,047

Одделот за криминалистичка полиција презеде предистражни дејствија и во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против М.Р., директорка на детска градинка во скопска општина  и против поранешен градоначалник на една скопска општина за кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластувањата” од чл.353 од КЗ.

„Првопријавената М. Р., како директорка на детска градинка на 12. декември 2021, по објавен оглас за јавна набавка на стоки – електрична опрема за детска градинка – две машини за перење на алишта, со пречекорување на своите службени овластувања, знаејќи дека максималниот износ на набавката требало да биде во вредност од 1.300.000,00 денари без ДДВ, кои средства требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на договорниот орган, како најповолен понудувач  избрала правно лице од  Скопје, иако понудило цена во износ од 1.329.800,00 денари без ДДВ. За што донела и Одлука за обезбедување на дополнителни средства и изменување на одлуката за јавната набавка, со кое склучила Договор за јавна набавка на вкупен износ од 1.569.164,00 денари со вклучен ДДВ, иако од истото правно лице не била доставена банкарска гаранција со самото склучување на договорот во износ од 156.916,00 денари. Добавувачот исто така не го испочитувал рокот за достава и набавените машини и наместо за 15 дена ги доставил со задоцнување од околу 150 дена од склучувањето на договорот. Првопријавената М.Р. со неизвршување на своите службени овластувања, наместо да го раскине склучениот договор со избраниот понудувач, да активира негативна референца во е-системот на Бирото за јавни набавки и да поведе постапка за наплата на договорената казна во износ од 81.596,00 денари, таа не го направила тоа“ – стои во известувањето од МВР.






Во спорната набавка на електрична опрема над дозволената сума и прекршување на овластувањата бил вклучен и поранешен градоначалник на скопската општина на чија територија се наоѓа детската градинка.

 

„Второпријавениот како градоначалник на една скопска општина со пречекорување на своите службени овластувања, иако знаел дека средствата за плаќање на машините требало да бидат обезбедени од сопствената сметка на градинката, извршил промена со проширување на буџетот на општината во делот дотации во износ од 1.534.000,00 денари, и истите на 29 ноември 2021 ги префрлил на сметката на градинката. Овие парични средства од страна на првопријаваната М.Р. истиот ден биле платени кон избраниот понудувач. Додека на 22 декември 2021 година извршила плаќање на средства во износ од 35.164,00 денари од сопствената сметка на градинката. На тој начин првопријавената и второпријавениот го оштетиле буџетот на општината за износ од 1.534.000,00 денари. Првопријавената го оштетила буџетот на градинката во износ од 273.676,00 денари како ненаплатена банкарска гаранција и договорена казна и исплатените парични средства од сопствената сметка. На тој начин му овозможиле на правното лице од Скопје да се стекне со противправна имотна корист во износ од 1.807.676,00 денари“ – информираат од МВР.

 

Поврзани содржини