Пендаровски фатен на телевизија во лага
Жалосно е да се оцени, ама од спомнативе цитати е сосема јасно дека за клучното прашање со коешто се соочува Македонија денес, и за коешто претседателот има нагласени ингеренции - Пендаровски ништо не разбира. Или, свесно и безобразно го лаже народот. Трето – нема.
На крајот од првиот дел од претседателската предизборна кампања, на 22 април, Пендаровски беше гостин на Само интервју, со Гоце Михајловски, на КАНАЛ 5.
Многу често, нашите новинари не се доволно подготвени за вакви интервјуа и не знаат да ги постават клучните прашања. Некогаш, пак, намерно ги одбегнуваат, ама тоа е поретко. Михајловски беше одлично подготвен и директно му предочи на Пендаровски дека и годишните протоколи со Бугарија се дел од катастрофалната преговарачка рамка. Пендаровски – негираше. Новинарот веднаш ја зеде рамката и прочита дел од членот 5, кој гласи:
„Имајќи го предвид горенаведеното, посветеноста на Македонија за добрососедските односи и поблиска регионална соработка, вклучително преку постигнување на видливи резултати и спроведување на билатералните договори во добра волја, вклучително и договорот со Грција и договорот за добрососедски односи со Бугарија од 2017, КАКО И ГОДИШНИТЕ ПРЕГЛЕДИ И МЕРКИ ЗА НЕГОВО ЕФЕКТИВНО СПРОВЕДУВАЊЕ, според член 12…“
Пендаровски веднаш реагираше – ете, нема протоколи!
Михајловски му објасни дека ПРЕГЛЕДИТЕ се токму тоа и дека, освен протоколите – нема други ГОДИШНИ ПРЕГЛЕДИ! Му кажа и дека рамката, всушност, се сведува на протоколите коишто се замислени како годишни извештаи на историската комисија. Тоа, пак, значи дека од неа ќе зависи нашиот напредок кон Брисел.
Пендаровски упорно одбиваше! Тврдеше – ако Бугарија повторно стави вето, нема да биде за историјата, туку за владеење на правото!? (Од каде ли му е таква информација?)! И продолжи – изјавите на Бугарија, не ме интересираат; сите од бугарскиот дел од комисијата за историја, почнувајќи од Ангел Димитров, се однесуваат како политичари бидејќи така ги учеле цел живот; никој од Европа не спомнува – историја; за да заклучи – комисиите за историја никаде во светот немале напредок… И, за да биде тотално уверлив, додаде – Гордана (Силјановска) вели дека историјата не е услов!?
Претходно, Пендаровски „објасни“ дека „… од маса нелогични, и во еден дел навредливи бугарски барања околу јазикот и идентитетот, останавме само на ова“ (Бугарите во Уставот), и продолжи – „бидејќи имаме седум делови на народи, сакаме да ставиме уште шест, вклучувајќи ги Бугарите, што не е никаква стратешка опасност за Македонија“!? И, дообјасни – „Се’ друго Европа им одби и вели – ставете го барем ова за да им се спаси образот и дека со тоа работата е завршена“!?
Зарем е можно? Во такво ветување, и ако навистина се случило, не би смеел да поверува ниту вратарот на Кабинетот на Пендаровски, а не тој самиот! Та, кој било од ЕУ да им го тврдел тоа, дури и лично Макрон! Така е бидејќи уцените од Софија никој не може да ги претпостави, камоли предвиди. А тие се вековни, неизбежни и ќе бидат трајни! До крај на нашите амбиции да влеземе во ЕУ. И тие ќе треба да нѐ ратификуваат! Како Македонци – никогаш!
Жалосно е да се оцени, ама од спомнативе цитати е сосема јасно дека за клучното прашање со коешто се соочува Македонија денес, и за коешто претседателот има нагласени ингеренции – Пендаровски ништо не разбира. Или, свесно и безобразно го лаже народот. Трето – нема.
Како може да не го интересираат изјавите на Софија? Човекот не знае што зборува. Впрочем, и новинарот мораше да го потпраша – како реагиравте, и што преземавте вие – „на масата нелогични, та дури и навредливи барања на Бугарија“, коишто ги спомнавте?
Ништо. Голтаа кнедли. Молчеа, како да се отсутни. Жива срамота. Но, да одиме по ред.
Прво, Пендаровски не разбира дека сите – „делови на други народи“, коишто се веќе во Уставот или треба да се стават – не ги негираат Македонците, нивниот јазик… Како наши негатори – Бугарите се неприфатливи! Се’ додека сме ние за нив бугарчиња и – втора бугарска држава! Тие имаат јасно видливи намери, Пендаровски, коишто не ги кријат. Слушајте што изјавуваат. Ќе Ви користи.
Второ и очигледно, Пендаровски смета дека „пресвртот“ на Радев, направен на конференцијата во Минхен, кога ултиматумот кон Македонија го сврте кон промена на Уставот – е целосна промена во стратегиските уцени на Бугарија и откажување од негирањето на македонскиот народ и јазик!? Можно ли е да не му е јасно дека се работи само за нова бугарска тактика, додека целта е иста и трајна?
Трето, ако Пендаровски барем ѕирне во вториот протокол, којшто е основата на преговарачката рамка, ќе види дека се’ се сведува на историјата. Таму дури стои и дека историската комисија не смее еднострано да се откаже, додека договорот, со којшто е основата – може (член 13)!? Во него, четири, пет пати се повторува дека задача на комисијата е –„претставување на факти и настани од ЗАЕДНИЧКАТА ИСТОРИЈА“, којашто – „ги поврзува двете држави и нивните народи“ (НЕМА ДВАТА НАРОДА!). Или, дека се бара комисијата да се среќава речиси – секој месец! Кој го бара тоа – не му е јасно на Пендаровски. Особено, пак – зошто се бара тоа? Не му кажале дека е заради годишните протоколи!
Четврто, ако Пендаровски барем малку ги разбере овие ситуации, нема да се повикува на светските историски комисии коишто, според него – „никаде немале напредок“. Е, па,токму затоа Бугарија и инсистира на состаноци секој месец. ГОДИШНИ ПРОТОКОЛИ НЕМА ДА ИМА АКО КОМИСИЈАТА НЕ ПРИЛОЖИ НАШИ КАПИТУЛАЦИИ. И, што значи тоа, Пендаровски? Софија ќе тврди (со право!) дека договорот за (не)пријателство не се спроведува! И, што ќе следи? Вето за ЕУ. Сигурно не – заради владеење на правото. Толку е просто.
Петто, Пендаровски самиот тврди дека бугарскиот дел од комисијата се однесува како да се политичари. Всушност, тие тоа и се и намерно се ставени таму како такви. Тие веќе јавно ни порачаа – или ќе ги прифатите нашите историски ултиматуми, или нема ЕУ за вас. Тоа го знаат и полуписмените, и Пендаровски не смее да биде исклучок.
Шесто, смешно е тврдењето на Пендаровски дека годишните, еве, нека бидат и – прегледи, а не протоколи, ќе се однесуваат на инфраструктурата. Авио линии навистина може да се отвораат секоја година. Напредокот на инфраструктурата, пак, се регистрира на пет, шест години. Зошто, тогаш, Софија бара историската комисија да се среќава речиси месечно?
Самиот факт дека во текот на преговорите, ЕУ ќе не судат и ценат според – „годишните прегледи и мерки за ефективно спроведување на договорот со Бугарија“, едноставно значи дека ние ќе бидеме на лента којашто цело време ќе биде ставена на микроскоп. Ако сето ова е прифатливо за Пендаровски, и добро е за Македонија, секоја чест. Нека е жив и здрав, ама нека си седи дома – во пензија!
Од самата лага во која беше фатен претседателот на ТВ, пред целата јавност, веројатно уште пострашен е фактот што Пендаровски речиси еуфорично ја претстави трансформацијата на бугарската политика кон Македонија – како некаков наш успех! Демек, од игнорирање на македонскиот народ, јазик, историја… нивните барања се свеле на човекови права на Бугарите во Македонија, преку внесување во нашиот Устав! Не е возможно на „нашиот“ претседател да не му е јасно дека Софија ја промени само тактиката, а не и целта? Без оглед дали верува во тоа, или не, тоа беше само негова нова, уште потешка лага.
Впрочем, да бидеме коректни. Човекот немал избор. Партијата којашто го донесе на власт, откако ја уништи државата и речиси го избриша македонскиот народ, откако ништо не направи за време на осумте години на власт, нема со што да се претстави пред народот, освен со тешката измама за брзо членство во ЕУ. Сите нивни ветувања, или „планови“ за влез во ЕУ се опасна манипулација со македонската нација. На сите коишто и малку се разбираат во тоа, јасно им е дека ЕУ нема уште долго да се шири, а Македонија, со сегашната преговарачка рамка, усогласена со Пендаровски и Османи – нема никогаш да влезе во Унијата. Спомнувањето на 2030 година како целна, пак, едноставно е – надвор од умот!
Тешко е да се верува дека на сиромавиот Пендаровски тоа не му е јасно, ама ако тоа го каже јавно – живи ќе ги закопа своите мецени, СДСМ – овците. Ќе ги уништи нивните предизборни кампањи. Ќе им ги открие сите измами и лаги! Тие немаат други опции. Да не си му во кожата. Веројатно затоа повторно и го избраа за нивни кандидат. Немаа избор!
За да нема забуни и недоразбирања за што се работи, ќе додадеме дека, во документите од првата меѓувладина конференција меѓу Македонија и ЕУ, со којашто беше започнат процесот на отворање на преговорите за членство (ама, тие се’ уште не се отворени!), усвоени се вкупно пет документи. Еден од нив се „Предлог заклучоците на Советот“ каде, во член 3, се нагласува – “Советот го поздравува протоколот од вториот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (со Бугарија!), формирана според член 12 од овој договор.“
Дека вториот протокол со Бугарија е клучот за нашиот пат кон Брисел, потврдува и „Заедничкиот став на ЕУ“, којшто е последниот од овие документи. Во него пишува – „Во таа насока, го поздравуваме договорот за протоколот од вториот состанок од Заедничката меѓувладина комисија формирана според член 12 од овој договор (со Бугарија!). Овој важен чекор ќе придонесе кон добрососедските односи и регионалната соработка кои остануваат суштински елементи од процесот за проширување…“.
Ги чита ли Пендаровски овие документи?
Ристо Никовски
Мај, 2024