НИ СЕ РАСИПА КОМПРЕСОРОТ, ЗАТОА ГИ ОДЛОЖИВМЕ ОПЕРАЦИИТЕ Министерството за здравство се правда за дводневниот колапс на Клинички центар

Од Министерството за здравство велат дека министерот дал задача за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо да се пристапи кон промена на сите компресори кои се дотраени.

216

Дефект на еден од компресорите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ беше причина на два дена да биде одложен елективниот програм, а не итните случаи за операција на пациенти. Ова за Плусинфо го потврдуваат од Министерството за здравство, негирајќи ги информациите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наводен колапс на здравството.

– Се работи за дефект на еден од компресорите поради што многу инструменти зависат од притисок кој го генерираат пумпите, затоа во тек на два дена елективниот програм, а не итните случаи, беа одложени. Проблемот е саниран, а со кислородот немало никаков дефект. Во вторникот е реализирана средба со директорите на Градската општа болница „8 Септември”, ТОАРИЛУЦ, Клиниката за дигестивна хирургија, КАРИЛ кадешто е постигнато усогласување и во тек е усвојување план како ќе се одвива кохортацијата на пациенти кога ќе почне реновирањето на КАРИЛ – информираат од МЗ.






Оттаму додаваат дека компресорската станица требало да биде променета уште пред 3 години. Во тек се активности на министерот за здравство за проверка на сите компресорски станици во Клинички центар и брзо ќе се пристапи кон промена на сите компресори кои се дотраени.

– Апелираме јавноста да се информира исклучиво од Министерството за здравство, а информациите да не се злоупотребуваат од политичките партии со цел собирање на политички поени – велат од Министерството.

Утрово Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ го обвини Министерството за здравство дека сака да го прикрие колапсот на Клинички центар.

Според нивните информации, три дена биле надвор од функција сите хируршки сали, а не можеа неопходната услуга да ја добијат дури ни итните и живото-загрозувачки пациенти.

„Изостанаа одговори како дојде до овој колапс на Клинички што е недозволиво да се случи на терциерно ниво, каде се третираат итни и неодложни состојби и за првпат се случува во историјата на македонското здравство. Неспособната власт која не водеше грижа за инфраструктурата, освен што до колапс го доведе хируршкиот блок на Клинички центар кој надвор од функција беше три дена, сега согласно информациите пет дена истечен е сертификатот за порталот на ФЗОМ и не е во функција. Јавноста многу добро памети кога за прв пат во историјата се случи колапс во ФЗОМ кога целиот систем беше блокиран со денови, заради истата и позната неспособност. И тогаш во така блокиран систем, видовме нула отчетност и транспарентност, а директорите со денови беа сокриени од јавност и не можеше да се дојде до основа информација“, велат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека платформата 1189 нуди многу решенија и одговори на барањата на здравствените работници и пациентите и од корен ќе ги смениме овие состојби кои имаат низа аномалии.

Поврзани содржини