ИЗЈАВИТЕ ЗА „МИЛИОНСКИ КРИМИНАЛ“ СЕ НЕПРОМИСЛЕНИ И НЕПРОВЕРЕНИ Директорите за социјални грижи бараат извинување од министерот
Целосно е неприфатливо министер, што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност, да ги навредува сите вработени во институцијата на чие чело е во моментов – пишуваат директорите на Центрите за социјални грижи.
Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник кој треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните – се вели во реакцијата на повеќе директори на Центрите за социјални грижи на изјавите на министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски кој претходно изјави дека во министерството биле откриени повеќе од 2.200 незаконски исплаќања за социјална и минимална гарантирана помош за корисниците преку Центрите за социјална работа.
„Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење.
Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност, а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо.
Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност! Човек што не ги почитува вработените, не можи да води едно од најголемите министерства во државата“ – се вели во реакцијата од директорите испратени од повеќе различни центри за социјална работа.
Министерот Велковски рече дека е направен милионски криминал во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) преку злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и противправно исплаќање пари.