„БЕЗ ОГЛЕД ШТО ЌЕ ПРЕСУДИТЕ, ЌЕ ГО ВЕАМ ЗНАМЕТО ОД КУТЛЕШ“ Завршни зборови на адвокатот Менконоски во охридскиот суд
На денешното рочиште не се појавија уредно поканетите четворица раководители од МВР, кои ја поднесоа пријавата. Со завршниот исказ на обвинетиот процесот заврши, а судската одлука ќе биде соопштена дополнително.
Во Основниот суд во Охрид денеска заврши процесот што се води против адвокатот Тони Менкоски, обвиненет за нарушување на јавниот ред и мир со поставување знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид за празникот Богојавление.
На денешното рочиште не се појавија уредно поканетите четворица претставници на МВР, односно четворица раководители на полицијата од каде беше покрената и прекршочната пријава. Од тие причини, судијата Милчо Клишески, кој го води предметот, реши рочиштето да се заокружи со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот.
Во завршното обраќање обвинетиот Менкиноски рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари и дека ниту со еден закон или меѓународен акт не е забрането истакнување на знамето од Кутлеш. Тој целосно ја презеде одговорноста за поставувањето на големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самоиловата тврдина во центарот на Охрид, за верскиот празник Водици.
Менкиновски рече дека независно каква ќе биде одлуката на Судот, ќе продолжи да го истакнува македонското знаме со сонцето од Кутлеш и во иднина и ќе работи на враќање на тоа знаме како национално и официјално одбележје на државата Македонија.
Со завршниот исказ на обвинетиот заврши процесот по предметот, а судската одлука ќе биде соопштена дополнително.