„ЈА ПРЕДУПРЕДИВ ЕВРОПА ЗА ПУТИН“ Но светот не ме послуша, вели Јулија Тимошенко

Ова што се случува сега во Украина е опасно за целиот свет. Ако заживее оваа стратегија, според која границите на сите земји може да се прекројат со сила на оружје, но не може да се зачуваат врз основа на меѓународното право, тогаш тоа е буквално почеток на нов светски поредок - предупредува поранешната украинска премиерка Јулија Тимошенко.

748

Поранешната премиерка на Украина, Јулија Тимошенко во интервју за ХРТ изјави дека многу добро го познава Владимир Путин и дека со него морала да соработува во неколку наврати за време на неговите два премиерски мандати.

– Можам да ви кажам како во 2009 година, среде лута зима, кога температурите беа под нулата, Путин го прекина снабдувањето со гас на целата ЕУ, односно на сите земји кои добиваа гас од него. Во тоа време, тој не беше загрижен дека замрзнуваат болници, училишта, градинки, цели семејства… Не беше загрижен, тоа беше крајно суров и неоправдан чекор – вели Јулија Тимошенко.






Тогаш како премиер им кажав на сите европски лидери дека треба да извлечат заклучоци од тоа. И дека следниот пат неговото оружје нема да биде гас туку ракети, авиони, бомби и сè друго што ќе уништи човечки животи. Го предупредив и целиот свет по 2007 година, кога ја нападна Грузија. Тогаш предупредив дека ако светот веднаш не ги преземе сите неопходни чекори за заштита, ако не го спречи злото, таа војна ќе дојде во Европа. Но, тие не ме послушаа. Светот не реагираше ниту во 2014 година, кога на ред дојде Крим – истакна Тимошенко.

Поранешната украинска премиерка се надева дека сега се извлечени заклучоци од она што се случува во Украина и дека се разбира дека за Путин важи само законот на сила, а не дипломатските преговори или меѓународното право.

– Неговата сила е во тоа што тој систематски ги гази црвените линии во светот, а тоа му дава дополнителни можности да напаѓа цели народи. Затоа силата може да се запре само со сила. Денес Украина одржува отпор за цела Европа и за целиот свет. Украина е подготвена да ги положи своите животи за нашата независност, за нашата територија и за нашите семејства. Исто така, за секое европско семејство и за секој европски народ. И за сите земји од слободниот свет. Едноставно помогнете ни, дајте ни средства, дајте ни оружје и ние ќе си ја завршиме работата – рече Тимошенко.

Таа истакна дека Украина е принудена да се брани со силата на оружјето и дека целиот свет знае дека војна во Украина не ја предизвикаа Украинците.

– Украинците се мирна европска нација. Живеевме мирно. Никогаш не сме се стремеле кон териториите на други земји. Никогаш не сме биле закана за никого. Бевме буквално првата земја што се откажа од нуклеарното оружје. И затоа денес можеме да кажеме дека сета оваа невистина што ја пропагира за нас државата агресор, дека Украина нападна некого, е целосна лага – нагласи Тимошенко.

-Бараме само едно: оставете ја нашата земја на мир! Дајте ѝ можност на Украина да биде суверена држава врз основа на нејзината признаена територија, која беше призната одамна врз основа на сите меѓународни договори. Ние сакаме мир, но не ропски мир – истакна таа.

Украинската политичарка смета дека ова што се случува сега во Украина е опасно за целиот свет.

– Ако заживее оваа стратегија, според која границите на сите земји може да се прекројат со сила на оружје, но не може да се зачуваат врз основа на меѓународното право, тогаш тоа е буквално почеток на нов светски поредок. Токму овде во Украина, мора да и се стави крај. Сега и засекогаш – вели Јулија Тимошенко.

Поврзани содржини