АХМЕТИ ЈАВНО ДА ЈА СООПШТИ КАНДИДАТУРАТА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ Нека не се крие зад нарачани текстови, му порача Мицкоски
Ценам дека треба да излезе, да се охрабри и самиот да ја најави кандидатурата, нема потреба да се крие позади такви спинови – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Го охрабрувам господинот Али Ахмети да се вклучи во претседателската трка – рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска од теренската посета за увид на градежни активности во Охрид, на прашање за коментар за евентуалното учество на претседателот на ДУИ Али Ахмети како кандидат за претседателските избори.
Мицкоски упати апел и совет до Ахмети да не се крие зад нарачани текстови кои се плаќаат со народни пари од кабинетот на неговиот најблизок соработник, туку, ако веќе има такви амбиции, да излезе и јавно да ги соопшти.
– Ми пречи тоа што, можеби би го советувал, еве доколку му значи нешто мојот совет, да не го објавуваат портали кои што ги плаќа кабинетот на неговиот најблизок соработник. Ценам дека треба да излезе, да се охрабри и самиот да ја најави кандидатурата, нема потреба да се крие позади такви спинови. Така што, ако тој цени дека ќе постигне резултат којшто ќе биде значаен, тогаш зошто да се крие позади такви нарачани текстови на портали кои што ги финансира неговиот соработник од народни пари – рече Мицкоски.
Мојата порака и мојот совет, додаде Мицкоски, би бил дека ова е одлична можност за незаслужена политичка пензија.