Излупена македонска демократија
„Европскиот фронт“, - онака како што актуелната македонска владејачка коалиција го сфаќа, и упорно го заговара како ветувачка алтернатива во предизборните групирања на политичката сцена, - се нуди како светлина низ мрачниот предел на натрупаните хаотични состојби во општетството. Но проблемот, се разбира, останува, како и секогаш, во сферата на претпоставките што е тоа што можете да им го „продадете“ на избирачите, особено на онаа огромна маса меѓу нив кои со години се чувствуваат обесправени и понижени.
„Најважно е дека изборите беа одржани во добра атмосфера, дека земјата доби добар лидер и дека е зачувано националното единство“, рече Пека Хависто, откако деновиве загуби во вториот круг на претседателските избори во Финска, стоејќи на прес-конференција насмевнат и со респект кон победникот, Александер Стуб.
Без оглед на тоа во колкав обем финското национално единство е навистина силно, Хависто го истакнува неговото значење како поголемо од каква било изборна победа, посебно од безбедносно-политички аспект и зачленувањето на Финска во НАТО, а што предизвика замрзнување на односите со Рисија и изградба на нови руски воени бази крај финската источна граница. Без неопходно единство земјата мошне потешко ќе се соочи со сериозните предизвици.
Македонските претседателски и парламентарни избори, и континуираната предизборна кампања, која никогаш не престанува, отсекогаш, а посебно сега, се одвиваат во услови на длабоки поделби во општетството од секаков вид, партиски, етнички, граѓански, кои не оставаат многу простор за градење и зајакнување на националното единство. Такви заложби, и јасно изразена волја нешто и да се жртвува во интерес на зацврснувањето на националното единство, речиси и да не постојат. Или, пак, не се слушаат во силната политичка врева од меѓусебни обвинувања и дисквалификации за хаотичните состојби во државата.
Често се заборава дека воспоставувањето на демократијата не е процес кој завршува, туку секоја наредна генерација треба да даде свој придонес како поткрепа на демократските принципи и нивната функционалност врз која која ќе продолжи да се темели општествениот развој. Доколку преминот од еднопартиски кон повеќепартиски политички ситем и парламентарна демократија во Македонија беше означен како крупна историска промена во духот на прогресот, децениите кои следеа покажуваа, преку цела низа недоследности и разочарувања, постојано затемнување на тој сјај.
Набрзо по осамостјувањето практикувањето на демократскиот плурализам во Македонија се соочи со три сериозни недостатоци, кои не можат ниту лесно, ниту пак брзо да бидат надминати. А тоа се: недостиг од посилна демократска традиција, слабо граѓанско општество и слаби и нефункционални институции. Формирањето на политички партии врз етничка основа, чие место во плуралниот систем добива смисла преку принципот на исклучување на другите, остана вградено во поделебите и разликите кои не придонесуваат на суштетсвен начин кон градење на заеднички национален дом.
„Европскиот фронт“, – онака како што актуелната македонска владејачка коалиција го сфаќа, и упорно го заговара како ветувачка алтернатива во предизборните групирања на политичката сцена, – се нуди како светлина низ мрачниот предел на натрупаните хаотични состојби во општетството. Но проблемот, се разбира, останува, како и секогаш, во сферата на претпоставките што е тоа што можете да им го „продадете“ на избирачите, особено на онаа огромна маса меѓу нив кои со години се чувствуваат обесправени и понижени.
Нема никакво сомневање дека истото чувство доминира и меѓу оние кои се иселени. Кој само можел да помисли дека инвентивната идеја да и „олесниш“ на дијаспората, така што ќе бараш „гастарбајтерите“ да платат по 30 евра за парче хартија со кое ќе бидат пуштени да ја преминат границата на татковината и таму да си извадат пасоши со новото уставно име на државата, нема да предизвика ерупција од незадоволство и лавина од пцости и навреди на социјалните мрежи. Институционалниот хаос очигледно не можеше да ја заобиколи ни дијаспората.
Проблемот овде е речиси од класична природа. Не помагаат тука многу приказните за европски вредности, кои во Македонија, за жал, и понатаму во добар дел се од имагинарен карактер. Од избирачите едноствано не може да се очекува да се однесуваат и дејствуваат на поианков начин, отколку според институционалните и политички претпоставки кои владеат во општеството. Од избирачите, всушност, не може да се очекува да формираат сосема поинакви погледи и мислења од оние што извираат од актуелните околности во кои живеат, и кои го чинат нивното секојдневие.
И кога сме веќе кај европските вредности и надежи, вреди да се напомене и во каква атмосфера, набрзо по македонските избори, се очекува да се одржат изборите во ЕУ-членките за Европскиот парламент. Десно-екстремистички и популистички ветришта веќе подолго време силно дуваат низ Европа. По победата на Герт Вилдерс во Холандија, во двете најмоќни ЕУ-членки напредуваат Алтернативата за Германија и Националниот фринт во Франција. Партијата Фламански интерес ги засилува своите позиции во Белгија, а во Шведска истото мошне успешно го прават Шведските демократи. За очекување е промена на силите во Европскиот парламент, а што би можело да има големо значење за натамошниот развој на ЕУ. Пред се кога станува збор за критиките што се упатуиваат кон натамошната европска интеграција. Ако споменатите партии успеат да го исползуваат незадоволството меѓу европските граѓани од инфлацијата, забавениот економски развој, деструктивните климатски промени, како и од војната во Украина, тоа би можело да големи последици за иднината на целата ЕУ.
Во овој миг подоборо е човек да се надева на она што може да го постигне откако ќе ги подвитка ракавите за да ги расчисти проблемите натрупани во сопствениот двор. Голема задача што во таа смисла би требало да ја имаат македонските лидери е да поработат малку повеќе на јакнењето на националното единство во државата. Тоа, се чини, е задача над сите други задачи.
Во тој контекст би сугерирале еден пример што би можел да биде од полза за таквите напори. Минатиот викенд во утринската програма на шведска телевизија беа поканети лидерите на парламентарните партии, кои се потрудија, колку што тоа беше можно, да дебатираат во опуштена атомсфера, за серизони прашања кои во последно време длабоко го поларизираат шведското општество. А, со оглед на тоа дека тоа беше утринска тв-програма, која секогаш запчнува со поканет готвач кој пред гледачите го објаснува својот рецепт и предлага викенд-мени за семеен ручек, лидерите на партиите беа замолени, пред да седнат да дебатираат, да помогнат при подготвувањето на состојките за рецептот на популарниот готвач. Шведскиот премиер доби задача да излупи краставица, лидерката на социјалдемократите лупеше компири, а лидерот на екстремните Шведски демократи рендаше морков. Политичките лидери, сепак, не треба во ништо да бидат „поголеми“ од граѓаните и избирачите.
Не е јасно дали воопшто би било можно да се соберат лидерите на македонските политички партии на заедничка дебата во телевизско студио, па макар и со преведувачи, и што, притоа, би им било дадено како задача да излупат?
Но едно е сигурно: од соголените илузии на македонските избирачи многу малку остана тоа што се уште може да биде излупено.