КРИВА Е КОРОНАТА, А ОВА НЕ МУ ТЕКНА ДОДЕКА БЕШЕ ПРЕМИЕР! Ковачевски ќе предложи бесплатна замена на возачките за тие што досега не извадиле
На седница на Владата денеска ќе биде предложено решение со кое ќе се овозможи замената на возачките и на сообраќајните дозволи да биде бесплатна до крајот на годината, најави претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски.
Тој рече дека досега се сменети повеќе од 1,2 милиони патни исправи и над 550.000 сообраќајни и возачки дозволи. Според него, на досегашната бројка издадени документи влијаела двегодишната пандемија со мерки за дистанца која ги нарушила каналите на снабдување и производствени процеси во фабриките за документациите.
– Секако дека тоа влијаеше. Она што е важно, исто така е дека голем дел од патните исправи се заменети. Секое ширење паника и давање популистички изјави кои не се во насока на решавање на проблемот туку се некакво лично себеистакнување не носат ништо добро. Затоа пратеничката група на СДСМ вчера, а нормално и претседателот на Собранието кој сега е од нашата партија, дојдоа веднаш до консензус со сите партии, за да се продолжи рокот на важењето на документите за внатрешна употреба и тоа се направи. Нашите министри денеска на седница на Влада ќе предложат решение со кое замената на возачките и сообраќајните дозволи до крајот на годината ќе биде бесплатно, на трошок на државата, за да може да се реализира тој процес до крајот на годината – рече Ковачевски, на новинарско прашање при посетата на Куманово.
Ковачевски се надева дека Министерството за внатрешни работи со своите управи и раководство ќе успеат навреме да набават обрасци за патните исправи, бидејќи, како што посочи, и тоа е сложен процес зашто не се произведуваат во нашата држава, туку во Германија, а со правилно организирање на процесот тој ќе заврши.
Ковачевски посочи дека се работи за голема операција за замена на сите лични документи, која произлегува од меѓународен договор ратификуван во нашето Собрание и во Собранието на Грција.
– Би искажал и жалење во однос на она што граѓаните го поминуваат, мора да се биде реален, бидејќи не е едноставно да се нема патна исправа. Меѓутоа, тоа е процес којшто ќе мора сите заедно да го изодиме. Исто така, се покажа уште еднаш дека не е добро да се даваат популистички и лажни изјави бидејќи ние бевме сведоци во текот на изминатите четири години дека дел политичари кажуваа немојте да ги заменувате документите бидејќи ќе го врателе името, сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата. Тие не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот. Таква изјава не слушнав – изјави Ковачевски.