ФИЛИПЧЕ ПРОТИВ ДАТА-ЦЕНТРИТЕ, НО НЕ И СИТЕ ВО СДСМ Сопартијците му го оспорија ставот, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Владејачката партија го обвини лидерот на СДСМ дека создава неоправдана загриженост околу потрошувачката на струја и вода поврзана со дата-центрите.

0

Од ВМРО-ДПМНЕ го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека се обидува да ја спинува темата за изградбата и развојот на дата-центрите во земјава, наместо, како што велат од партијата, да ги согледа придобивките од оваа индустрија.

Од партијата тврдат дека Филипче и СДСМ се против проекти кои, според нив, можат да донесат инвестиции, нови работни места и економски развој.






„Веќе е јасно дека за сè што е во интерес на граѓаните и за секој проект што носи развој и инвестиции, талогот на СДС предводен од Венко Филипче е против“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата оценуваат дека и во случајот со дата-центрите, Филипче создава, како што наведуваат, неоправдана загриженост кај граѓаните.

„Развојот на дата-центрите е можност за привлекување инвестиции, развој на нова индустрија, отворање нови работни места и напредок на државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на прашањата за потрошувачката на електрична енергија и вода, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека за овие прашања веќе биле дадени конкретни објаснувања.

„Јасно е кажано дека електричната енергија ќе се набавува на пазар или од обновливи извори, додека за ладењето на дата-центрите постојат повеќе различни решенија. Тоа значи дека манипулациите со наводна опасност за водните ресурси не ја кажуваат целата слика“, соопшти партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ во соопштението го посочуваат и ставот на поранешниот премиер и актуелен пратеник од СДСМ, Димитар Ковачевски, за кого велат дека јавно кажал оти не го дели ставот на Филипче за ова прашање.

„Значи, Филипче не само што е против проектите на Владата, туку е против секој, па дури и сопартијци кои препознаваат дека развојот на оваа индустрија може да биде од корист за државата“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата дополнително обвинуваат дека Филипче зборува за цената на електричната енергија и користењето на водата, но откако, како што тврдат, биле дадени објаснувања за овие прашања, не понудил решение.

„Останува впечатокот дека неговата цел не е да понуди решение, туку по секоја цена да биде против“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата додаваат дека граѓаните заслужуваат политика која ќе поддржува инвестиции, нови индустрии и економски развој, наместо, како што наведуваат, „политика на постојано кочење од страна на опозицијата и политички спинови“.

Поврзани содржини