ВАШИНГТОН СО НОВА ОЦЕНКА ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА КРИЗА Украинските напади врз руската енергетика ги креваат цените

Американскиот министер за финансии во интервју за „Фокс њуз“ ги поврза украинските напади врз руските енергетски постројки со ценовните притисоци на глобалните пазари.

1

Американскиот министер за финансии Скот Бесент ги посочи украинските напади врз руската енергетска инфраструктура како една од причините за ценовните шокови на глобалните енергетски пазари.

Бесент во интервју за „Фокс њуз“ изјави дека војната во Украина придонесува за енергетскиот шок преку нападите врз руските енергетски постројки, што, според него, влијае врз цените на глобалниот пазар.






– Исто така, доживуваме енергетски шок поради војната во Украина – бидејќи Украина одлучи дека сака да дигне во воздух руски енергетски постројки, а тоа води до пораст на цените на глобално ниво. Конфликтот во Иран, исто така, игра улога. Но, конфликтот во Иран ќе заврши – рече Бесент.

Изјавата доаѓа во период на зголемено внимание кон влијанието на војната во Украина врз глобалните енергетски пазари, особено по украинските напади врз објекти поврзани со руското производство и преработка на енергенси.

Украина во повеќе наврати изведуваше напади врз руската енергетска инфраструктура, при што Киев ги оправдува таквите операции како дел од воените напори за ограничување на руските приходи и логистичките капацитети што ја поддржуваат војната.

Изјавата на Бесент има и поширок политички контекст. Американскиот министер за финансии неодамна ги иритираше дел од најголемите поддржувачи на Украина меѓу сојузниците на САД со одлуката да го покани рускиот министер за финансии Антон Силуанов на состанокот на земјите од Групата 20 (Г-20).

Поканата до рускиот претставник беше протолкувана како сигнал за обид на Вашингтон да ги одржува отворени каналите за комуникација со Москва, и покрај продолжувањето на руско-украинскиот конфликт.

Бесент, пак, во интервјуто ги поврза случувањата во Украина и на Блискиот Исток со состојбите на енергетските пазари, посочувајќи дека конфликтите создаваат дополнителни притисоци врз цените.

Неговата оценка дека конфликтот во Иран ќе заврши остава отворено прашање како евентуалното намалување на геополитичките ризици би се одразило врз цените на енергенсите и глобалната економија.

Поврзани содржини