Хорот на македонските жаби
Но, што всушност сакаше да ни каже господинот Џафери? Па само тоа дека со посветеното продолжување на „патот“ на оваа коалиција, ќе продолжи и сиот страотен криминал, корупција, политичко силеџиство, непотизам и партократија…, односно македонската (не)културна војна што се води на фронтот на вредностите, раздробена на помали рововски „битки“ и на потесни фронтови.
Кога го слушате новиот „премиер“ и неговиот политикантски завет дека тој посветено ќе продолжи по патот на „прогресивната“ коалиција, повеќе од јасно ви е што сте добиле. Не само она што некаков си професор од Косово го смета за етнодемократски симбол и го кара Изет Меџити, туку – многу повеќе. Со неразбирлива циркусијада, стигнавме дури и до „Обама момент“ (sic!), небаре станува збор за форматна историска личност а не за најскандалозниот претседател на Собранието во македонската историја! Белки госпоѓата Агилер ќе го поздрави вистинскиот господин Обама и ќе го просветли дека добил – балкански наследник?
Но, што всушност сакаше да ни каже господинот Џафери? Па само тоа дека со посветеното продолжување на „патот“ на оваа коалиција, ќе продолжи и сиот страотен криминал, корупција, политичко силеџиство, непотизам и партократија…, односно македонската (не)културна војна што се води на фронтот на вредностите, раздробена на помали рововски „битки“ и на потесни фронтови. Една од поважните останува антипросветителската битка и новиот „премиер“ како нејзин симбол, односно битката против стручноста, со главното мото: пофалбата на глупоста викана нестручност, некомпетентност и непрофесионалност на раководните структури во државава. И тој фронт, отворен уште во онаа 1998 година, перманентно се шири, за денес да добие монструозни размери со уништувачкиот поход на оваа „прогресивна“ формација.
Зашто, криминогеноста, коруптивноста, силеџиството, бандитизмот и непочитувањето на туѓите права… се директен одраз на нестручноста, некомпетентноста, непрофесионалноста и запрепастувачката неспособност на оваа државна постава. И нивната некултура односно нецивилизираност, се разбира. Криминалот и корупцијата кај нив не се симптом само на некаква психопатологија, туку се и дијагноза (или замена, како сакате) за нивната неспособност, нестручност и незнаење да ги раководат соодветните ресори, а со тоа и државата во целина.
Затоа ние и имаме сурогат претседател, сурогат премиер, сурогати министри, директори, управни и надзорни одбори…!
Уште од 2017 година оваа коалиција, со минорни исклучоци, инсталираше тотално погрешни луѓе на клучните државни места, вклучувајќи ги тука и премиерското и претседателското, се разбира, луѓе кои немаа(т) никакви допирни точки, знаења/стручност и/или искуство со добиените ресори, што потоа резултира(ше) во незапирливо регресирање во сите области. Згора на тоа, тие уште помалку имаа(т) некакви познавања на европските политики во дадените области, а (наводно) сакаа(т) да ја придвижуваат државата во ЕУ! Како, со кои знаења, со кои лични капацитети?
И трето, станува(ше) збор за луѓе на кои политиката – како теорија и пракса – им е целосно туѓа, далечна и неразбирлива, односно ја гледаат само како средство за манипулација и лично/групно богатење. А и што друго би правеле на тие места, нели? Згора на тоа, (речиси) сите беа/се типични посткомунистички производи со ригидни антидемократски „видици“, луѓе без елементарна култура – во пошироката и потесната смисла на поимот – така што, од таа перспектива, целата оваа „слика“ на земјава изгледа „нормално“!
Ако на тој и таков супститут наречен македонска политичка сцена го додадете и овој „премиер“ и срамното правило на немешање во кадровските (поточно „кадровските“) решенија на коалициските партнери, што пак е приказна за себе во оваа држава, тогаш ја добивате оваа збирштина нарекувана власт и овој жабурник викан Македонија. И затоа во него пливаат јата полноглавци чекајќи да им дојде редот да крекаат како жаби!
Заради тоа, една таква крајно неука и некомпетентна политикантска формација, наоѓа себеостварување низ процесите на нивелирање на вредностите, убивање на стандардите, воведување на семејни и партократски „мерила“ и „правила“…, полнејќи го жабурникот со ним слични полноглавци. Тогаш го добивате денешниот жабји хор во којшто сите се натпреваруваат кој погласно може да крекне и да воспостави нови лични или групни правила, прописи, закони…
Зашто, погледнете го македонското општество денес: составот на владата (малите букви се реален одраз на нејзините можности) и собранието (малите букви се слика и прилика на неговата капацитетност), администрацијата во министерствата, државните институции и директорите во нив…, сето тоа е една вулгарна паланечка збирштина неспособна да „произведе“ нормално функционирање на државата. И ние, па и т.н. „меѓународна заедница“ сосе „стратешките“ ни партнери, очекува(в)ме од нив реформи, прогрес, ЕУ вредности, натпревар на идеи и квалитет?
Но, приказната со „стратешките“ партнери има други темни ќорсокаци, но за тоа во друга прилика. Меѓутоа, во целиот овој провинциски жабурник, повторно и по којзнае кој пат, посебна улога играат лоби групите, нво градинките, (дел од) медиумите и „интелектуалната“ клиентела, чијшто придонес во општите црнила воопшто не е секундарен. Нивната поддршка на една ваква неспособна постава во власта е значаен фактор во оваа (не)културна војна против стручноста, професионалноста, моралноста, етичноста…, против сите вредности на едно цивилизирано општество. За жал, нивниот главен мотив е среброљубието и привилегиите (главно професионално незаслужени) за себеси и за потесното или поширокото семејство.
И тие се уште повулгарна копија на бедната слика на власта, со таа разлика што барем дел од нив целосно свесно ја играат улогата на шеста колона во државава. Не само во однос на катастрофалниот тек на евроинтегративниот процес, туку како темелна поддршка на една полуписмена и во основа неука и неспособна власт! А таа, оваа „власт“, со својот криминоген ум, секогаш наоѓа нови и нови начини за задоволување на нивните клиентелистички апетити. За возврат, власта добива „мирно море“ за своите махинации и криминали, плус дополнителен жабји хор што ги воспева сите нејзини „политики“. Особено евроинтегративните „политики“.
Многубројни се примери коишто би можеле да бидат посочени како илустрација на отворениот фронт контра цивилизациските вредности. Некои се и премногу бизарни, дури смешни (или трагични, како сакате). Како на пример онаа шарлатанска „1ТВ“ којашто ќе ни покажеше што значи телевизија, или „шефицата“ на СЈО и нејзиното фамозно „отвори, отвори“, скандалот со малоумните фамилијарни „политики“ во Музејот на град Скопје и уметникот Шеќеров, вицепремиеркана за опомени, пораката на „премиерот“ за „владеењето на правото“… итн., итн. Или, ако баш сакате, разговорот (ни помалку ни повеќе туку) за ЕУ од цели четири часа на тројката Заев, Ахмети, Ковачевски!
Што ли тие тројца имале да си кажат во однос на ЕУ?!