РИКНА НОВ ,,МАН” ВО АЕРОДРОМ Патниците бесни, автобусот на ЈСП ги остави на половина пат
Автобусот со број „5“, еден од новите двојни автобуси на производителот,,МАН” во 15:55 минути остана во дефект.
На автобуската постојка кај игралиштето „Сансет“ во населбата Аеродром, возилото на ЈСП Скопје запре на станицата, но возачот не можеше потоа да го продолжи возењето до следната постојка. Откако возачот го увиде проблемот ги замоли патниците да го напуштат автобусот бидејќи не може да продолжи со возење. На ова патниците бурно реагираа, бидејќи, како што рекоа кога излегуваа од автобусот, кај го чекале затоа што не пристигнал навреме, сега мора да се префрлуваат во други автобуси кои доаѓаат ретко.
– Ова е навистина срамота, кога ги чекаме мрзнеме на ладното време затоа што доцнат, па уште неисправни ги пуштаат во сообраќајот. За џабе плаќаме за услугите да ги користиме, а за возврат добиваме катастрофа – велеа патниците кога го напуштаа автобусот.
Патниците потоа се префрлија во други автобуси кои минуваат на оваа делница, додека возачот остана на постојката да чека да пристигне екипата од ЈСП која ќе се обиде да го придвижи автобусот, а доколу не успеат, ќе го влечат до базата во Автокоманда.
Плусинфо во повеќе наврати пишуваше дека покрај проблемите кои ги имаат вработените со исплатата на плати, според нивните кажувања, често се принудени да возат неисправни автобуси по скопските улици.
Доказ за тоа имаше и МВР, дека при вонредни контроли на возилата на ЈСП Скопје биле констатирано дека неколку возила не ги задоволувале критериумите за безбеден превоз на патници при што со тоа се загрозувала безбедноста на сите учесници во сообраќајот.