БРИСЕЛ ДА ПОБАРА ОД СОФИЈА ДА Ѝ ЈА ПРЕДАДЕ ИВА МИХАЈЛОВА НА МАКЕДОНИЈА Платформата 12.05 бара оставки од тројца министри
Платформата „Разговори за иднината во 12:05“ ја повикува Европската комисија да побара од официјална Софија да престане со провокациите од највисоко политичко-државно ниво и да побара Ива Михајлова без одлагање да биде предадена на македонските правосудни органи. Во спротивно, заради ваквите настани, понижувања, глумење жртви на непостоечка дискриминација од страна на политичките актери кај нашиот источен сосед, во Македонија расте внатрешниот притисок за отворање на прашањето за преиспитување на Договорот за добрососедски односи, сметаат од Платформата.
„Додека Македонија ја славеше 85 годишнината од Денот на антифашистичките востанија во Прилеп и Куманово, бугарска државјанка инволвирана во сообраќајка со смртен исход, со одземени пасоши, преминувајќи ја слободно границата, го погази наследството што ни го оставија нашите предци кои ги дадоа животите борејќи се за Македонија да биде држава, а не ‘хотел промаја’. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ е должна веднаш да одговори дали на средбата Муцунски-Чамова во Софија е договорено бегството на Ива Михајлова, кое во Македонија ќе биде иницијална каписла за предвремени парламентарни избори, после кои техничката Влада задолжена за нивното организирање ќе влезе во процес на уставни измени?“, се наведува во реакцијата на Платформата.
Оттаму побараа оставка од министрите за внатрешни, за надворешни работи и за правда.